Пр - Горан Марковски - независен кандидат за градоначалник на град Скопје - Фото - Слободен печат - Методи Здравев
Пр - Горан Марковски - независен кандидат за градоначалник на град Скопје - Фото - Слободен печат - Методи Здравев

Марковски: Отсуството на ТВ-дебати како знак на немоќ и недостаток на визија за подобро Скопје

Независниот кандидат за градоначалник на Скопје, Горан Марковски, поддржан од граѓанската платформа „Независни заедно“ вели дека изминува и втората недела од кампањата за Локалните избори а сѐ уште нема најава за ниту една дебата помеѓу кандидатите за градоначалник на Скопје.

„Чиниш се работи за избор на претседател на куќен совет во некоја приградска населба. Оправдувањата за тоа се најразлични: од (пре)голем број пријавени кандидати, наводна (пре)зафатеност на некои од фаворизираните, па сè до целосна ,,незаинтересираност“ на одредени медиуми кои, патем речено, за тоа се обврзани, а и платени.

Ваквата состојба помалку ме изненадува, но многу повеќе ме загрижува. Особено ако се земе предвид мојата долгогодишна успешна соработка со новинарите и постојаната достапност за гостувања, искажувања ставови, давања изјави…. Тоа впрочем сум го сметал и како моја општествена одговорност. Одговорност каква што сметам дека треба да покажат и медиумите, особено во вака значајни моменти за градот. И не се работи само за одговорност. Објективното и непристрасно информирање е и нивна законска обврска, важен влог во подобрување на демократскиот амбиент. Без разлика на моменталните околности и бројот на пријавени кандидати“, вели Марковски.

Тој додава дека за едно демократско општество е неприфатливо, како што вели, молчешкум да се влезе во предизборниот молк. Според него, дебатите на националните фреквенции, за независните кандидати претставуваат шанса за каков-таков излез на виделина и за рамноправно одмерување на интелектуалните сили, идеите и визиите со останатите кандидати. За граѓаните дебатите се шанса за формирање пореална слика за визионерските и други капацитети на кандидатите, а за Скопје шанса да добие поквалитетен градоначалник.

„Сосема ми е јасно дека е многу полесно и покомотно да се испраќаат ,,епски” пораки читани од т.н. идиот, да се одговара на однапред доставени прашања, да се дебатира сам(а) со себе, да се ветуваат брда и долини опкружени со истомисленици, да се кокетира со граѓаните преку фотошопирани насмевки од билбордите. Од оние исти билборди до кои независниот нема ниту законска можност да пристапи, дури и да реши сам да ги плати безобразно скапите тарифи. Велам сам, бидејќи за разлика од партиските, независните кандидати не добиваат скоро никаква поддршка од државата за нивно платено медиумско претставување и рекламирање.

Но, уште појасно ми е дека со укинување на дебатата, најдемократската алатка во секој изборен процес, губи демократијата, губат медиумите, губат граѓаните, губи општеството. Губи градот, губи државата. Губат сите. Поточно, скоро сите!“ додава тој.

Во надеж дека до крајот на кампањата ќе бидам демантиран со покана за дебата од страна на барем некој од јавните медиумски сервиси, ве уверувам дека ваквите нефер изборни услови за мене се истовремено извор на нова творечка енергија, мотив за зголемена креативност, причина за појака верба во исправноста на започнатата мисија. И што е најважно од сѐ, убеден сум дека тие се поттик за ваша поголема поддршка, порача Марковски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот