
Марија Павловска го доби значајното меѓународно признание „Уметник за 2025 година“
Одборот на фондацијата „Ефетто арте“ од Фиренца ја награди македонската визуелна уметница Марија Павловска со престижната меѓународна награда „Уметник за 2025 година“.
Препорачано
Наградата на Павловска се однесува и за нејзината вклученост во проектот „Уметници да се колекционираат“, чија цел е запознавање на големите колекционери со нови таленти во кои може да се инвестира.
Церемонијата на врачувањето на наградата се одржа на 25 јануари во „Палацо Пучи“ во Фиренца во присуство на колекционери, новинари, политичари и љубители на уметноста, а покрај Павловска, беа наградени и други уметници од целиот свет, кои творат во различни медиуми.
Инаку, наградата е за уметници кои покажале значителна вредност и уметнички заслуги и кои творат, инспирирани од историското наследство, поместувајќи ги границите на модерниот визуелен израз.
– Проектот „Уметници да се колекционираат“ е создаден со цел да ги запознае современите колекционери со нови таленти во кои може да се инвестира. Станува збор за ограничен избор на уметници од целиот свет кои се карактеризираат со создавање навистина уникатни уметнички дела и ја слави вистинската современа уметност. Преку нивните уметнички дела, уметниците се избираат од различни дисциплини: сликарство, скулптура, фотографија, видеоуметност и дигитална уметност. Живееме во период на промени и токму поради оваа причина на уметноста ѝ се потребни нови пророци – уметници способни да трасираат нови патишта на знаењето. Затоа ги препорачуваме уметниците кои го добија меѓународното признание „Уметник на годината“ – истакнал Салваторе Русо, историчар на уметност и член на одборот на фондацијата „Ефетто арте“.
Во својот говор при врачувањето на наградата во Фиренца, Павловска изразила благодарност до Фондацијата „Ефетто арте“, до македонското Министерство за култура, кое ја поддржува нејзината уметничка работа, како и до Центарот за современа уметност „Мана Контемпорари“, Фондацијата „Ајлин Камински“ и поддршката од Фондацијата „Керол Фоерман“ во САД.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 267, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 8-9.2.2025)