Маричиќ: Изборите се крстопат – ЕУ до 2030 или стар филм што го гледавме 11 години

Бојан Маричиќ - вицепремиер за европски интеграции / Фото: "Слободен печат" / Драган Митрески

Изборите ќе бидат еден вид на крстопат, една пресвртна точка по која што или ќе отидеме во правец на членство на Северна Македонија во ЕУ до 2030 година или ќе одиме во еден стар филм кој што го гледавме 11 години и кој што значи повторно преговарање со соседите поточно со Бугарија, еден тунел од десет години кој што не знаеме кога ќе се појави светлото на крајот на тој тунел или кога би излегле од него“ изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во интервју за „Гласот на Америка“ при неговата посета на САД.

Тој додаде дека со другиот избор повторно ќе се отвораат истите прашања поврзани со идентитетот, јазикот и со тоа што сега ни е решено и ставено во преговарачката рамка со ЕУ и во процесот на преговорите.

„Мислам дека така ќе се постават или така се поставуваат сите политички партии без оглед на тоа со каков етнички предзнак се или со каков идеолошки предзнак се. Од една страна ќе бидат политичките партии кои што сметаат дека сите жртви кои што до сега ги дадовме не треба да бидат залудни и дека треба да продолжиме, дека имаме уште многу работа, имаме уште многу реформи, многу предизвици, многу отворени прашања, многу грешки, но дека имаме волја да го продолжиме патот и да стигнеме таму каде што заслужуваме да бидеме“ рече Маричиќ.

Вицепремиерот додаде дека ЕУ и европската интеграција не се само убава приказна и дека преку трансформацијата на Хрватска, Словенија, Бугарија или Романија може да видиме како од држави кои биле помалку развиени од нас, сега имаат повеќекратно животен стандард.

„Ние се бориме за тоа Северна Македонија да го препознае конечно својот интерес во членството во ЕУ и шансата која што ни се дава околу новиот геостратегиски моментум поврзан со војната во Украина и поврзан со желбата на Европската Унија да јасно ја исцрта картата на државите членки на ЕУ, да ја искористиме таа можност и да на нашите граѓани им овозможиме македонскиот пасош да биде европски пасош“ рече Маричиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот