Сузана Турунџиева - Фото Слободен печат

МАМАВИЗИЈА | Турунџиева: Татко ми почина на 53, брат ми на 36, децата ми растеа без татко

Нема многу мажи во мојата фамилија, татко ми го загубив многу млад,  смртта на брат ми беше огромна трагедија за нашето семејство, децата ги растев без татко, вели во „Мамавизија“ на „Слободен печат“, Сузана Турунџиева, познато телевизиско лице, водителка, музичар, уметник, креативец, авторка на повеќе книги.

Во нашата емисија Турунџиева за првпат раскажува за својот живот од аспект на мајка. Прошетавме низ нејзиниот животен албум од првата бременост во првиот брак со Александар Маленко. Таа раскажува како го поднела разводот како мајка на мало дете, (нејзината прва ќерка Лора), но и каков бил животот на самохран родител во тоа време. Во емисијата таа зборува и за нејзиниот втор брак, за тоа каков животен удар за неа претставувала ненадејната смрт на нејзиниот втор сопруг Марјан. Како како мајка успеала да се справи со оваа голема тага, а во исто време да ѝ помогне на малолетната ќеркичка, (нејзината втора ќерка Матеја) да го преброди губењето на нејзиниот татко.

Турунџиева вели дека спојувањето на двете ќерки од различни бракови во едно семејство не било воопшто тешко за неа како мајка.

-Кога јас и Марјан оформивме семејство, а потоа дојде и нашата ќерка Матеја на свет, многу природно со многу љубов се вклопи целото семејство. Покрај мојата ќерка Лора од претходниот брак, тука беше и ќерката на Марјан, но сите три си го најдоа некако своето место и тоа функционираше хармонично. Одевме заедно на одмори, па често Марјан на шега знаеше да рече: „Сузе, моето и твоето го закачаат нашето“ – вели таа.

Сузана Турунџиева - Фото Слободен печат / Методи Здравев .
Сузана Турунџиева – Фото Слободен печат / Методи Здравев .

Животот ѝ приредил многупати неочекувани непријатни изненадувања, на кои како карпа се исправила и продолжила понатаму.

-Не е лесно кога си мајка, а ти се случува некоја трагедија, но мораш да продолжиш бидејќи си свесен дека некој зависи од тебе. Јас и покрај сите тешки моменти морав да продолжам понатаму за моите деца – раскажува Турунџиева.

Во нејзината фамилија, како што самата вели, бројот на мажите се проретчил и останале повеќе жени да се поддржуваат и да си помагаат меѓусебно.

-Татко ми почина на 53 години, брат ми го загубив кога имаше 36 години, потоа поминав низ развод, па морав без маж да го растам детето. Го загубив Марјан кога Матеја беше многу мала. Мажите во мојата фамилија се намалија, останавме жени да се крепиме и да си помагаме. Патот низ животот не е лесен, понекогаш патуваме во друштво, понекогаш во пар, но има периоди кога мораме и соло – вели Турунџиева.

Таа со нас сподели и моменти од периодот кога била дете кога со родителите и брат ѝ живееле во напуштено училиште во селото Маково. За тоа колку наследила од нејзината мајка Блага и за тоа како еднаш добила „добар“ ќотек .

Сузана Турунџиева - Фото Слободен печат / Методи Здравев .
Сузана Турунџиева – Фото Слободен печат / Методи Здравев .

Третата епизода на „Мамавизија“ гледајте ја вечерва премиерно во 20 часот на јутјуб-каналот на „Слободен печат“.

Водител и автор на емисијата е Александра Вуксановиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот