
МАМАВИЗИЈА | Рустемова: По 18 години борба да станеме родители посвоивме ќерка и згриживме син
Што е семејство? Семејството е дефиниција за среќа. Домот на семејството Рустемови последните години е полн со среќа, откако детскиот џагор станува нивно секојдневие. Нашата хероина во денешната „Мамавизија“ е мајката Слободанка Рустемова.
Препорачано
Таа и сопругот 18 години се обидувале да станат родители по биолошки пат. Откако поминале тешки денови, макотрпни процеси, многу непроспани ноќи, тага, тие не ја изгубиле надежта.
– Се сеќавам кога првпат отидовме да се распрашаме како оди процедурата за посвојување, човекот кој не пречека во Центарот нè праша какво дете сакаме. Јас на тоа одговорив: Па, кога сме бремени зарем знаеме какво е? Да е живо и здраво, тоа ни е најважно, ниту пол, ниту возраст, ниту боја на очи, коса, национална или верска определба, ништо не нè интересира – рекла таа.
Оваа реченица како што вели нашата соговорничка им ги отворила вратите и по една година го добила фамозниот повик „Добивте ќерка!“

Првата средба со нивната ќеркичка била волшебна, како што вели Рустемова, пропратена со многу солзи радосници.
– Се сеќавам дека договорот беше во попладневните часови да бидеме во Битола кога ќе ни ја дадат нашата ќерка. Не можев да спијам таа вечер, мојата преголема возбуда го натера сопругот да бидеме уште рано наутро нацртани таму. Од оваа перспектива гледано тоа е навистина многу смешно. Моментот кога првпат ја фатив во раце јас станав мајка! Во филмот „Мајки“ на Милчо Манчевски има една убава реплика која вели: „Мајка не раѓа, мајка сака.“ – вели таа.
Нивната ќеркичка е малата Сара, ја добиваат како бебе, сега веќе весело и умно девојченце одлична во училиште и со бројни награди.
По неколку години се случил нов пресврт во нивниот живот, кој прави одново голема промена. Рустемова се соочила со тешка болест и тука кај неа се јавил стравот Сара да не остане сама.
– И ментално тешко ја поминав борбата со ракот стравувајќи мојата ќерка да не остане сама. Тогаш со сопругот почнавме да размислуваме да посвоиме уште едно дете. Во тоа време Сара почна да бара братче или сестриче. Откако помина сѐ добро со мојата болест, тргнавме одново по истата патека за второ дете. Но бидејќи е потешко да посвоиш второ дете, а во тој период беше актуелна кампањата на СОС Детско село за згрижувачки семејства се одлучивме за тој чекор, така и го добивме нашиот син – раскажува таа.

Денес нивниот дом е полн со светлина и радост, смеа и среќа. За да ја дознаете целата оваа убава среќна приказна, ве покануваме да ја погледнете шеснаесеттата епизода на „Мамавизија“ на јутјуб-каналот на „Слободен печат“.
Водителка и авторка на емисијата е Александра Вуксановиќ.