Макрон ѝ се обрати на нацијата по падот на владата/ Фото/ EPA-EFE/TERESA SUAREZ

Макрон во потрага на шести премиер за помалку од две години

Францускиот претседател Емануел Макрон бара шести премиер за помалку од две години, со надеж дека кандидатот што ќе го избере ќе успее да го усвои буџетот во парламентот потресен од криза и поделби, објави денес Ројтерс.

Кабинетот на Макрон вчера соопшти дека тој ќе именува нов премиер во рок од 48 часа, откако премиерот во заминување Себастијан Лекур одржа дводневни разговори за да се обиде да најде излез од најлошата политичка криза во Франција во последните децении.

Политичкиот ќорсокак го отежна усвојувањето на рестриктивниот буџет што го бараат инвеститорите кои се повеќе загрижени за растечкиот француски дефицит, соопшти агенцијата.

„Прашањето што се поставува денес е дали има доволно луѓе кои се одговорни. Мислам дека ова е последна шанса“, изјави портпаролката на владата Орор Берж за радио RTL.

Лекур  ја понуди својата и оставката на владата во понеделник, само неколку часа откако беше објавен нејзиниот состав, со што администрацијата е најкратката на мандат во модерната француска историја.

Тој вчера изјави дека за време на разговорот, кој Макрон го замолил да го организира со партиските лидери по неговата оставка, дознал дека мнозинството пратеници се против предвремени избори и дека постои пат, иако тежок, до усвојување на буџетот до крајот на годината.

Друго клучно прашање е пензиската реформа на Макрон од 2023 година, со која постепено се поместува возраста за пензионирање од 62 на 64 години, при што левичарските пратеници бараат законот да биде укинат или суспендиран, објави Ројтерс.

премиерот во заминување Себастијан ЛекурEPA/STEPHANIE LECOCQ / POOL MAXPPP OUT

Засега, соперничките партии во голема мера се држат до своите ставови и нема индикации кој би можел да биде следниот премиер.

 

Социјалистите рекоа дека Макрон треба да назначи левичарски премиер, додека републиканците, кои се дел од владата во заминување, велат дека нема да поддржат левичарски премиер.

Во меѓувреме, Мануел Бомпард од крајнолевичарската партија „Неосвоена Франција“ (LFI) ги повтори повиците до Макрон да поднесе оставка.
Претседателот на крајнодесничарската партија „Национално собирање“, Џордан Бардела, повторно повика на нови парламентарни избори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот