Макрадули на Светскиот конгрес за чист воздух во Истанбул

Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули/ Фото: Слободен печат/Д. Митрески

Заменик-министерот за животна средина и простoрно планирање Јани Макрадули денеска и утре учествува на 18-тиот Светски конгрес за чист воздух (WCAC), што од 23 до 27 септември се одржува во Истанбул, Република Турција.

Како што соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање, Макрадули се обратил на денешната сесија „Предизвици и можности во управувањето со квалитетот на воздухот во Европа и Централна Азија”.

Макрадули во своето обраќање се осврнал на имплементацијата на Планот за чист воздух, како и на предизвиците со кои се соочува нашата држава од аспект на подобрувањена квалитетот на воздухот.

На маргините на Светскиот конгрес за чист воздух, заменик-министерот Макрадули одржал работен состанок со генералниот директор на Меѓународната унија на здруженија за спречување на загадување на воздухот (IUAPPA), Ричард Милс, на кој, како што се наведува, беше договорено потпишување на протокол за пристапување на Република Северна Македонија како членка на Унијата.

Светскиот Конгрес за чист воздух има за цел да обезбеди светска платформа преку која на научниците, креаторите на политиките и бизнисмените им се овозможува да разговараат за најнапредните научни знаења и најновите напредоци и технички решенија за подобрување на квалитетот на воздухот.

Светскиот конгрес за чист воздух (WCAC) е организиран од Меѓународната унија на здруженија за спречување на загадување на воздухот (IUAPPA), со поддршка на Европската федерација за чист воздух (EFCA) и Федерацијата за чист воздух во Азија (CAA), поддржани од Светската здравствена организација (СЗО), Конвенцијата за прекугранично загадување на воздухот со долг дострел (LRTAP), Коалицијата за клима и чист воздух (CCAC) и други поголеми институции кои на меѓународен план овозможуваат помош и соработка во борбата против загадувањето на воздухот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот