Македонските пациенти на здравствен туризам во Турција

Стотина пациенти од Македонија, секоја година, лек за своите здравствени проблеми бараат во Турција. Нашите пациенти таму одат најчесто за неврохируршки интервенции, кардиохирургија, но и заради потешки деформитети на рбетен столб и проблеми со движењето и со грчење на мускулите, како што се оние со детска парализа. Најпосетувани болници се оние на „Аџибадем“, каде за поддршка на странските туристи има голем број на вработени. За пациентите од Македонија се задолжени петмина, сите се од нашата земја, но животниот пат ги однел во Турција. Покрај персоналната поддршка, меѓу вработените има и лекари со потекло од нашата земја.

– Годишно од Македонија имаме од 70 до 100 пациенти. Пациентите првично не контактираат на маил, или преку Систина, а потоа ние им закажуваме прегледи и се друго што е потребно – вели Пепа Четинус, која е од Гевгелија, а во Истанбул дошла пред шест години, бидејќи се омажила за Турчин.

Таа одлично зборува турски јазик и среќна е што може да им помага на нашите пациенти. Нејзина колешка е Гонџе Шахин од Гостивар, но и таа љубовта на својот живот ја на нашла во Истанбул и таму живее веќе четири години.

Со децата кои доаѓаат од Македонија, работи докторот Енис Шабан, кој е гостиварец. Тој во Истанбул дошол да студира медицина и останал да работи. Шабан е веќе специјалист и раководител на центар за анализа на движење, во кој преку посебна технологија се испитува која група на мускули не функционира како што треба кај децата кои имаат проблем со движењето. Тој вели дека, иако приватно има комуникација со многу наши лекари, сепак ниту еден од нив не бил дел од тренинзите за усовршување кои се организираат во болницата каде тој работи.

– Отворени сме за соработка, со Клиниката за неврохирургија веќе имаме контакт, јас и лично имам интерес бидејќи тоа е сепак моја земја. Од 2010 година секогаш сакавме нешто да направиме, но тешко оди некако. Треба да се има и технологија, медицината многу брзо оди напред. Имаме некои обуки кои траат шест месеци и за време на кои неврохирурзите може да стекнат некои корисни знаења – вели Шабани.

Тој посочува дека за година ипол во болницата во која тој работи се лекувани 15 деца од Македонија кои имаат церебрална парализа и за кои платил Фондот за здравствено осигурување. На прашањето, какво подобрување е постигнато, тој вели дека пациентите си заминувале задоволни, бидејќи очекувањата се реално поставени.

Во болниците на Аџибадем на високо ниво е развиена и детската неврохирургија, а тимот е предводен од професорот Мемет Озек. Тој нескромно се фали дека во последните пет годни стапката на смртност на одделот кој тој го води е нула проценти. Во овој оддел се оперираат тумори на глава, хидроцефалус, деформитети на рбетен столб, спина бифида. Се применуваат најсовремени техники и технологии, а за успех Озек вели дека најважна е тимската работа.

Кај нас во јавното здравство детската неврохирургија речиси и да не е развиена, а децата ги оперираат неврохирурзите кои работат и со возрасни пациенти или се праќаат во странство. За децата со вродени деформитети на рбетниот столб како што беше случајот со малата Тамара од Велес која почина чекајќи да се оперира, се отвори спинален центар, но тој не заживеа.

Овие болници исто така може да понудат и најсовремен третман на болните со карцином, бидејќи располагаат со апарат за зрачна терапија кој работи со магнетна резонанца. Тоа овозможува при значењето да се зрачи само ткивото на туморот, на начин што лекарот на магнетната резонанца постојано го гледа туморот и зрачењето го упатува директно на таа точка. Вакви апарати има уште два во Европа, додека со другата технологија зрачењето се прави по претходно направени снимки, но сепак постои ризик, при дишењето положбата на пациентот се менува, а со тоа и со зрачењето да биде опфатено и здравото ткиво. Во изминатата година од Македонија на овој апарат се лекувале двајца пациенти. Еден третман кој опфаќа од 3 до 7 зрачни сеанси чини 8.100 евра.

Болницата може да се пофали и со примена на роботска технологија. Таму лекови, храна, постелнината и се друго што треба да се разнесува се носи со овие роботи. Тие се движат потполно сами, самостојно влегуваат и излегуваат од лифтови, одат до зададената дестинација и потоа се враќаат на почетната позиција вклучувајќи се на полнач додека да добијат нова задача.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот