Никола Маџиров и Бека Стивенс во Њујоршката јавна библиотека

Македонскиот поет Никола Маџиров настапи на отворањето на Фестивалот на светската литература и уметност во Њујорк

Минатата недела со поетско читање на македонски и на англиски јазик во преполната сала, дел од Њујоршката јавна библиотека (New York Public Library) во Њујорк, Никола Маџиров го отвори Светскиот поетски салон во рамките на Фестивалот на светската литература и уметност (World Literature and Arts Festival), кој се одржува од 14-ти до 30-ти април во салите на Њујоршката јавна библиотека.

На сцената пред околу сто и педесет присутни гости, Никола Маџиров настапи заедно со американската џез-композиторка, пејачка и мултиинструменталистка Бека Стивенс, двапати номинирана за музичката награда Греми и редовна соработничка на современиот музички гениј Џејкоб Колиер – шесткратен добитник на Греми, на американскиот џез-состав „Снарки Папи“ – добитници на пет Греми награди, како и на рок-легендата Дејвид Крозби – членот и основач на „Крозби, Стилс, Неш & Јанг“.

Бека Стивенс, заедно со лидерот на „Снарки Папи“ – Мајк Лиг, веќе компонираа песна според стиховите од песната „Окото“ (The Eye) на Никола Маџиров, која таа ја исполни на отворањето на Поетскиот салон во Њујорк, а истата вечер премиерно ја изведе и нејзината нова композиција „Ние немаме сон“ (We Have No Sleep), според истоимената песна на Маџиров. Оваа композиција ќе се најде на еден од следните албуми на Бека Стивенс.

По заедничкиот поетско-музички перформанс, следуваше разговор на Маџиров со аргентинскиот поет-полиглот, универзитетски професор и преведувач на Песоа и Пизарник – Патрицио Ферари. Настанот беше во организација на „Њујорк паблик лајбрери“ и „Лајмлајт поетри“ од Њујорк.

Според стиховите на Маџиров веќе имаат компонирано музика американската композиторка и добитничка на Пулицеровата награда за современа опера – Дујун, американскиот авангарден џез-композитор и соработник на Бјорк и Лу Рид – Оливер Лејк, македонскиот пијанист и џез-композитор – Гордан Спасовски, како и композитори на џез, опера и класична музика од Германија, Италија, Литванија, Естонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот