„Македонски центар за литература“

кица колбе
Кица Колбе. / Фото: Архива на Слободен печат

Книгите се ризници со скапоцени сознанија, но некој треба да знае да ни ги открие и да ни ги направи привлечни.

Успешните проекти обично започнуваат како визија на даровити сонувачи. Проект што има квалитет на восхитувачка визија е за мене неодамна формираниот „Македонски центар за литература“ во Скопје. Крајно време беше да се формира организација што има за цел да ја промовира македонската литература и културата на читањето. Во здружението на граѓани околу овој проект се обединети македонски писатели и издавачи. Претседателот на проектот е познатиот македонски писател Владимир Јанковски. Тој е талентиран писател, суптилен теоретичар на книжевноста и извонреден преведувач, притоа со силна свест за тоа дека темелот на секоја сериозна книжевна култура е посветеноста на пишувањето и на читањето. Овој млад писател го одликува посебна харизма која се состои во неговата скромност, искрена љубопитност за творештвото на современиците и длабока почит за втемелувачите на македонската литература, големите македонски писатели и писателки. Вистинска среќа за македонската културна сцена е кога писател со таква харизма и квалитети се одлучува да ја реализира својата визија за еден поинаков третман на литературата и читањето во македонското секојдневие. Оваа организација има намера да ја врати литературата и читањето во фокусот на македонската јавност, со тоа што веќе сега потсетува на различни начини на нивното значење. Во промотивното видео за „Македонскиот центар за литература“, кое може да се види и на Јутјуб, се истакнува дека „додека постои човекот и потребата да се зборува за неговата егзистенција, ќе постои и литературата“.
На Фејсбук-профилот на „Македонскиот центар за литература“ веќе се презентирани многубројни содржини за современата македонска литература. Такви се кусите видеа со автопоетички изјави на познати македонски писателки и писатели. Објавени се и извадоци од романи на повеќе познати македонски писатели и писателки, како и актуелни написи за литературата, чиј број секојдневно се зголемува.
Во едно интервју за „Слободна Европа“ од 2021, осврнувајќи се на наградата „Роман на годината 2020“ за својот роман „Скриени желби, немирни патувања“ (македонска номинација за „Балканика“ во 2021), Јанковски истакнува дека „во времето во коешто речиси литературата е избришана од јавниот медиумски простор“, наградите ѝ даваат мал дел видливост на литературата, но тој не е доволен, бидејќи таа заслужува многу повеќе. Ова сознание е очигледно мотивацијата за Владимир Јанковски и за неговите истомисленици и соработници во „Македонскиот центар за литература“. Дека неговата визија ги следи темелните сознанија и искуства на големите и богати литературни култури, сведочи неговата мисла дека „литературата и раскажувањето на приказни ни се потребни, затоа што раскажувањето приказни кажува дека животот е полн со многу повеќе нијанси“.
Според моето писателско и естетско искуство, ова сознание на Јанковски е особено значајно за културните средини како македонската, кои со транзицијата се доведени во една состојба на очај и депресија, затоа што партизацијата, идеолошките расцепи и теориите на заговорите го претставуваат светот во црно-бела шема на непријатели и пријатели, на „патриоти и предавници“. Само литературата ни го открива сето богатство на односи и соодноси, меѓусветови и паралелни светови, различности и сличности. На тоа мисли и Јанковски кога вели дека „нештата што ни се случуваат се нијансирани, тие се различни, шаренолики, полни со различни перспективи и затоа треба, на некој начин, сите да се потрудиме литературата и воопшто уметноста што се создава, што е можно повеќе да допре до луѓето што живеат околу нас, до нашите сограѓани, затоа што на тој начин не само што создаваме покомплексен начин на живот, туку создаваме и една посложена перспектива за светот и животот што нè опкружува. Затоа приказните и литературата се многу битни“, заклучува тој.
Токму поради ова суштинско сознание, „Македонскиот центар за литература“ заслужува да ја добие сета поддршка не само од писателите и издавачите, но и од надлежните во образовните институции во македонското секојдневие, од детските градинки, гимназиите, па сè до универзитетите, за да може да ги оствари сите страници од својата замисла за тоа како може да се создаде жива, пулсирачка, творечка присутност на литературата во животот на повеќе генерации. Оваа организација е предистинирана со својата визија да ги приближи до децата и младинците македонските писатели преку литературни читања, но и преку иницијативи за натпревари во читање кои, на пример, се вообичаена пракса во германските основни училишта. Учениците најнапред во одделението читаат извадок од омилена книга, а потоа на тоа ниво се избира еден победник или победничка. Потоа тие се натпреваруваат со победниците од другите одделенија.

Читањето е ритуал и страст

Тоа се значајни ритуали и форми за поттикнување на читањето кај децата. Затоа што заедницата што престанува да чита, ги согледува погубните плодови на тој процес дури по една генерација. Тогаш станува јасно дека во меѓувреме пораснале млади луѓе, на кои родителите, наставниците и професорите не им ги пренеле ритуалите на писменоста и на образованието. А тие се посветеноста на читањето, љубовта за литературата. Културата на читањето започнува да се обликува од најмала возраст. Затоа што читањето е ритуал и страст. Врз нив се потпира секоја литература. За тие читатели твори секој писател. На тоа сознание мисли Јанковски кога вели дека сè додека писателот „го има чувството дека некој ги слуша неговите приказни и ги чита неговите дела, значи дека има смисла и да се создава. Веројатно многу луѓе се прашуваат во денешното меркантилно време: Зошто да се создава? Па, се создава заради читателите. И еден читател да има една книга, вреди да се создава“, го опишува Јанковски клучното искуство на секој писател. Иако македонската литературна сцена е мала во споредба со некои други земји, таа е многу драгоцена токму за македонското обликување на литературниот вкус и култура на читање. Зашто голема е само онаа литература, којашто е омилена и читана во својата земја. Дури откако ќе ги освои своите сонародници, таа може да стане интересна и за светот. За да ја познаваат својата современа литература, на македонските читатели треба да им се понудат привлечни форми за комуникација со неа: уверена сум дека и тоа е една од темелните цели на „Македонскиот центар за литература“.
Особено за младите читањето открива нови сознанија и нови светови кои се одиграле во минатото или во сегашноста, но во еден агол од светот што е далеку од нас. Тие сознанија потоа нè мотивираат на нови решенија во нашиот свет. Книгите се ризници со скапоцени сознанија, но некој треба да знае да ни ги открие и да ни ги направи привлечни. Во големите дела на светската литература се претставени на неповторлив начин суштинските прашања на човечкото постоење. Литературните дела ни ги покажуваат во естетски совршена форма моралните дилеми, проблемот на љубовта и љубомората, на сочувството и солидарноста, на војните и на траумите. На тоа мисли и Владимир Јанковски кога во интервјуто за blen.mk од 2022-та истакнува дека „литературата може да помогне. Таа често е и внатрешен глас на кохезијата, која е во потрага по заокруженост, но и надворешна формирана целина на смислата“.

Преземено од Дојче веле

(Авторката е филозофина и македонска и германска писателка)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот