Луѓето што прележаа ковид-19, сега се борат со мозочна магла, конфузија и главоболки

Модуларна ковид-болница / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Директорот на Клиниката за неврологија, доктор Иван Барбов, вели дека наскоро на оваа клиника ќе се отвори постковид амбуланта, каде што ќе може да доаѓаат пациентите што се соочуваат со невролошки проблеми по прележување на коронавирусот. Нивниот број, како што додава тој, е голем.

Димитар Стефановски е еден од многуте пациенти што го прележале коронавирусот и кои долго време се бореле со постковид симптомите. Тој во разговор за „Слободен печат“ открива дека повеќе од два месеца по прележувањето, на моменти имал проблеми со меморијата, а кога разговарал со некого, му била потребна голема концентрација и фокусирање на она што го мисли, во спротивно, заборавал што сакал да каже.

– Две до три недели по прележувањето на ковид-19, ми се случуваше да отидам од една во друга соба за да земам нешто. Но, кога ќе отидев, ќе застанев да се подзамислам за што сум дојден. Заборавав краткорочно за што сум тргнал и тоа беше навистина невообичаено за мене, ме плашеше и правеше да се чувствувам несигурен. Некогаш кога разговарам со колеги или пријатели, на средина на мислата не знам што сум мислел за да можам да продолжам со разговорот понатаму. Ова траеше два месеца, меѓутоа со текот на времето се подобри – вели Стефановски.

Сѐ почесто во медицинската практика во Македонија се забележува дека има пациенти со прележан ковид-19 и долгорочни невролошки последици. Токму затоа директорот на Клиниката за неврологија доктор Иван Барбов вели дека наскоро на оваа клиника ќе се отвори постковид амбуланта, каде што ќе може да доаѓаат ваквите пациенти. Нивниот број, како што додава тој, е голем.

– Невролошките последици се многубројни, најчести се вртоглавица, проблеми со меморија, главоболка. Тие се полесни, но во нашата практика кај прележани пациенти со ковид-19, по неколку месеци гледаме и сериозни невролошки нарушувања, кои се движат од губење на чувството за вкус и за мирис, па сѐ до воспаление на мозокот. По прележувањето на ковид-19, сега гледаме дека има голем број пациенти кај кои се создаваат автоимуни болести. Антителата ги напаѓаат сопствените органи. Општата слабост и губењето на меморијата траат неколку месеци и се повлекуваат, но компликациите како мозочен удар поради зголемената склоност на крвта кон тромбоза, траат со години, затоа што тука веќе има парализа на раката, ногата и говорот – изјави доктор Барбов за „Слободен печат“.

Професорот на Медицинскиот факултет доктор Драган Даниловски објаснува дека „мозочната магла“ што сѐ поголем број пациенти со прележан ковид-19 пријавуваат дека ја чувствуваат, е невролошки симптом што може да трае и повеќе месеци по поминувањето на болеста.

– Симптомите на мозочна магла се проблеми со меморијата, недостиг на ментална јасност, слаба концентрација, чувство на отсутност, главоболки и конфузија. Многубројни студии откриле дека некои луѓе што имале ковид-19 развиваат компликации како што се изменета свест или енцефалопатија. Воспалението во мозокот ја попречува можноста на невроните да комуницираат едни со други. Ова може да биде еден од факторите што придонесува за појава на мозочна магла – објаснува доктор Даниловски за „Слободен печат“.

Невролошките нарушувања кај постковид пациентите не им се непознати на психијатрите. Психијатарот доктор Мице Дудучки вели дека како имунолошки несакан одговор на ковид-инфекцијата, во неговата медицинска практика сретнува и пациенти со Гилен-Бареов синдром и состојби што се манифестираат со одземеност на долните екстремитети.

– Ковид-19 освен што ги напаѓа белите дробови, покажува и директно и индиректно оштетување на невроните. Механизмот на оштетување е од васкуларна природа, склоност кон создавање микротромбови и исхемички ситни лезии примарно во белата мозочна маса, но и во мозочната кора. Нема посебен третман за невролошките синдроми, тие се третираат како и оние од друга генеза, а во наредниот период ќе се посветиме и на негативните психолошки последици од ковид-пандемијата – изјави доктор Дудучки за „Слободен печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот