
Љубовно истражување: Паровите кои се гушкаат пред спиење имаат понизок стрес и се чувствуваат посигурно
Гушкањето со партнерот пред спиење може значително да го намали чувството на стрес и да ја зголеми сигурноста во врската, покажува истражување што внимателно ја анализира врската меѓу физичкиот допир и благосостојбата во интимната релација, а пренесува „Саенс алерт“.
Препорачано
Главниот заклучок: ноќното гушкање (поинтимни положби при спиење) било поврзано со пониски нивоа на стрес кај паровите, што, пак, водело до посилни чувства на приврзаност и сигурност во врската.
Според истражувачите, психологот Џош Новак и истражувачката за когнитивен развој Кејли Милер од Универзитетот Оберн во САД, гушкањето во кревет може да биде едноставен и бесплатен начин да се подобри менталното здравје и квалитетот на врската.
Дијаграм за спиењето во врската
Истражувачите ја поврзале положбата за спиење со стресот, приврзаноста и други променливи.
„Иако податоците се пресечни и се потребни идни истражувања, физичката блискост при заспивање може да биде ветувачки и применлив начин за подобрување на релациската и физиолошката благосостојба“, пишуваат истражувачите во трудот.
Добро е познато дека физичката приврзаност може да ја подобри психофизичката состојба на човекот на различни начини. Овде, истражувачите сакале детално да ја испитаат положбата на паровите при легнување.
Податоците биле собрани од 143 хетеросексуални парови кои спијат заедно, со просечна возраст од 43 години кај мажите и 40 кај жените. Во просек, паровите биле заедно 13 години, а едни од нив дури и речиси 30 години.
Иако индивидуалните преференции за положба при спиење не се совпаѓале секогаш со положбите кои паровите ги земале на почетокот од ноќта, поблиските положби, како „лажичка“, испреплетени тела или лице во лице, довеле до психолошки придобивки.
„Овој наод може да укажува дека индивидуалната положба при спиење не е одлучувачки фактор за тоа како ќе се гушка парот ноќе, туку станува збор за желба или потреба да се биде блиску до партнерот“, велат истражувачите.
Ограничувања и дополнителни фактори
Има неколку ограничувања што треба да се земат предвид: истражувањето испитувало само еден момент. почетокот на ноќта, преку податоци добиени од самите учесници, па затоа не може директно да се утврди причинско-последична врска. Истражувачите признаваат дека врската меѓу гушкањето и сигурноста веројатно е двонасочна.
Друг важен аспект е дека сите луѓе различно реагираат на физички допир во интимна врска, и дека делењето кревет може да има разни ефекти кај различни личности.
Во статистичката анализа биле земени предвид и важни променливи како возраста, должината на врската, како и дали деца или миленици редовно спијат во креветот, сè со цел да се изолира влијанието на положбата при заспивање.
Интересен е и фактот дека не била пронајдена поврзаност меѓу физичката интимност при заспивање и квалитетот на самиот сон, што значи дека интимноста не мора нужно да води до подобар сон. Ова е нешто што би можело да се истражи понатаму.
„Можно е интимните положби да го нарушуваат сонот, бидејќи долготрајното гушкање може да биде неудобно, да ја зголеми телесната температура, еден или двајцата партнери да имаат проблеми со спиењето, или да постојат многу други причини“, додаваат авторите.
Истражувачите заклучуваат со нешто што многумина веќе го знаат од искуство, дури и кратко гушкање додека заспивате може да биде доволно за да ги почувствувате тие психолошки придобивки, пред двајцата да се завртите и да си ја најдете својата омилена положба за остатокот од ноќта.