
Литературни сведоштва на гостите беа откриени на првата вечер на фестивалот „Про-за Балкан“
Со лични анегдоти и силни пораки за литературата, на 21 септември во Даутпашиниот амам свечено беше отворено 13. издание на Интернационалниот литературен фестивал „Про-за Балкан“. На отворањето беа претставени шестемина писатели, драматурзи и есеисти од Балканот и земјава, меѓу кои годинашниот добитник на наградата „Прозарт“, словенечкиот автор Евалд Флисар – еден од најпреведуваните писатели од регионот.
Препорачано
Годинашната фестивалска програма ја сочинуваат автори чии дела се преведени на бројни јазици, но и длабоко вкоренети во своите култури. Покрај Флисар, гости се и српскиот писател и поет Небојша Лапчевиќ, бугарската писателка Елена Алексиева, една од најпознатите словенечки писателки за млади читатели Јана Бауер и домашни претставнички – поетесата, романсиерка и преведувачка од романски и словенечки на македонски јазик Лидија Димковска, и Хана Корнети, писателка на проза и долгогодишна уредничка на академски и комерцијални текстови.
На гостите на фестивалот добредојде им посакаа идејните творци на фестивалот – Дејан Трајкоски и Александар Прокопиев и писателот Владимир Јанковски, а вечерта ја обележаа личните и литературни сведоштва на гостите, кои говореа за смислата на пишувањето, границите на човечкото искуство и улогата на литературата во денешниот свет.

Лауреатот Флисар зборуваше за повеќеслојноста на личноста и за тоа како неговите ликови се вистински кога содржат повеќе аспекти на човекот. Интересен беше и неговиот осврт на бројката 13, која постојано се повторува во неговиот живот – од датумите на важни настани, преку неговата свадба, до оваа, тринаесетта, награда „Прозарт“. Според него, тоа е доказ дека бројот не носи несреќа, туку напротив – е негова лична среќна бројка.
– Интересни случки се случуваат со моите драми и можам за тоа да раскажувам до утре сабајле. Една од драмите што зборуваат за минатото и сегашноста е „Тристан и Изолда“. Ако не ја напишев таа драма најверојатно немаше ни да ја добијам 13-та награда „Прозарт“ – рече тој.
Потоа зборуваше неговата сопруга Јана Бауер, една од најпознатите словенечки писателки за деца и млади, која со носталгија се наврати на времето на „усните приказни“, кога раскажувањето значело блискост, имагинација и бегање во фантастични светови.
– Живеев во аналогно време и имавме многу повеќе анегдоти. Сега е поинаку, работиме до доцна, го нема веќе тоа раскажување од постарите. За мене како дете беше привлечно токму фантастичното кое ми беше бегство од реалниот свет. Повеќе пишувам за себе си и се обидувам да го дофатам тој волшебен момент – рече таа.
Бауер зборуваше и за своето тежнеење кон интеркултурност, важноста на преводите од „мали јазици“ и улогата на европските програми во афирмирањето на книжевностите што доаѓаат од периферијата.
Фестивалот „Про-за Балкан“ секогаш обрнува внимание и на застапеноста на македонските автори. Годинава гостинка е македонската поетеса, романсиерка и преведувачка од романски и словенечки на македонски јазик, Лидија Димковска. Родена и израсната во работничко семејство во Скопје, без голема можност да патува и да го истражува светот, таа се присети на мантрата што заедно со своите врсници ја водела низ детството: „Маџари е во Скопје, Скопје е во Македонија, Македонија е во светот“.
Ова, според неа, било начин да ги надмине границите на сопствениот живот и да се отвори кон поширокото човечко искуство. Димковска истакна дека ја привлекуваат безграничните простори и она што не можела да го има или доживее.
– Надворешните простори постојат, но најважно е што носиме во себе. Судбината на другиот е и наша судбина, ако умееме да ја препознаеме. Транзитирам од поезија кон проза – како премин преку граница. А границите ги поминуваме со совладување на стравот. Литературата е реалност и во неа треба да веруваме прво ние, па после и читателите да поверуваат – рече таа.
Бугарската писателка, драматург и сценаристка Елена Алексиева на прашањето за процесот на пишување, истакна дека за првпат размислува за тоа како „доаѓа“ јазикот. Нејзе ѝ е поблиску да го нарече интуитивен процес, отколку механика.
– Пишувањето е особена состојба на мислење, различна од секојдневното – рече таа и нагласи дека никогаш не се доживувала како личност со посебен дар или талент што свесно го „користи“. За неа, творечкиот чин секогаш е поголем од самата авторка – и тоа не од скромност, туку како суштинско уверување – рече Алексиева.
Српскиот писател Небојша Лапчевиќ зборуваше за темите што го преокупираат – уметноста, љубовта, убавината, човековата душа, пропаѓањето и смртта. Тој посебно се задржа на својата крушевачка опера „Лазарево време“, која неколкупати била емитувана на РТС и ја нарече „капитален проект“. Според него, суштинското прашање е како да се оживее и осовремени богатото историско наследство преку современи уметнички форми.
– Уметноста има обврска само кон убавината. Писателот треба да гледа целина, не делови – инаку паѓа во апстрактна претенциозност – рече српскиот писател.

Средбата заврши со Хана Корнети, која говореше за искуството на живеење помеѓу култури и за важноста на мајчиниот јазик во изразувањето. Посебно ја истакна улогата на внимателното слушање како клучна писателска способност – да се впие туѓото искуство и да се преработи во сопствена уметничка визија.
– На мајчиниот јазик секогаш можеме најцелосно да се изразиме. Што поконкретна е приказната, толку е попрецизна. Пишувањето колку што има задоволство, толку има и многу работа – истакна таа.
Организатор на интернационалниот литературен фестивал „Про-за Балкан“ е издавачката куќа „Прозарт медиа“ од Скопје. Поддржувачи на „Про-за Балкан“ се: Министерството за култура и туризам, „Традуки“, Културно-информативен центар на Бугарија во Скопје, Амбасада на Грција, Амбасада на Словенија, СПОНА, Амбасада на Шпанија, Амбасада на Словачка, КУД „Содобност“, Умно.мк и Метрика Култура.