Лидија Јовановска од Битола: Ден и ноќ работев без денар, не наседнувајте на онлајн измамата за работа од дома со внесување податоци!

Лидија Јовановска од Битола

Граѓаните во Македонија се бомбардирани со различни измами кои им ги празнат сметките. Неодамна на телефонските броеви им беа испратени лажни СМС пораки дека наводно добиле поштенска пратка и беа охрабрувани да ги оставаат податоците од своите кредитни картички за да ја подигнат пратката, со изговор дека плаќаат царина. Меѓутоа, стануваше збор за обид за фишинг со злоупотреба на Македонски пошти. Претходно, измамничките тактики одеа дотаму што на социјалните мрежи граѓаните беа охрабрувани да ги оставаат своите податоци за да добијат „награда“ за 123 денари. Тогаш злоупотребувани беа брендовите на маркети за храна, компании за мебел, па дури и компании за накит.

Меѓутоа, измамата која ја таргетирала 58-годишната Лидија Јовановска од Битола е поинаква и вклучува работа од дома. Своето искуство го сподели со „Слободен печат“, за, како што вели, да не се случи и некој друг да наседне и да се изгори. Сакајќи да заработи дополнителен приход за да го закрепи домашниот буџет, таа поминала денови и денови, работејќи од дома за на крајот да биде извисена. Додека таа макотрпно работела, измамниците го подготвувале теренот да ѝ ја испразнат картичката. За таа цел имале креирано цел сет на алатки, веб страници кои им биле претходно подготвени и тактики.

– Сакав да заработам дополнителен приход од дома и така почнав да барам работа на страници на интернет за работа од дома преку компјутер. Пронајдов бројни огласи за позиции на кои се бараше внесување на текст во документ (внесување на податоци), рачно со „типкање“ на компјутер. Бидејќи имам познавање од англиски јазик и можам да работам на компјутер, стапив во контакт со еден работодавец кој бараше внесување на текст од фотографија во текстуален документ. Ми кажа дека се бара од мене 30 страници фотографиран текст од книга, да биде внесен во документ рачно. И дека за тоа имам многу кратко време од 3 дена, бидејќи документот им требал итно, веднаш. Ми рекоа дека ќе бил презентиран на многу важна меѓународна конференција, па затоа тие 30 страници им требаат со голема итност, а дека за возврат, поради тоа што ќе работам пренапорно и интензивно, ќе добијам 1.200 долари на мојата банкарска сметка, преку директен депозит, вели Јовановска за ,,Слободен печат”.

На почетокот била возбудена и брзала да ја заврши задачата. Трудот што го вложила вели дека ја исцрпил и психолошки и физички затоа што најголемиот дел од трите дена ги поминала на столчето пред компјутерот во брзање да не го пропушти крајниот рок за завршување на задачата што ѝ го дал лажниот работодавач. За целото време измамниците користеле име на вистинска и етаблирана светска компанија.

Кога завршила со работата, веќе вложила толку многу труд што само сакала да биде исплатена и да заврши. Но, тука дошло и непријатното изненадување односно стратегијата која што лажните работодавачи односно онлајн измамниците ја имале – освен тоа што ја злоупотребиле довербата на Јовановска, да се обидат згора на тоа и да ѝ земат пари.

– Завршив со работата, ги внесов триесетте страници во документ, на време. Ме болеа прстите и грбот од долгото седење во едно место. Работев и ноќе, не спиев, само за да постигнам. Кога ги побарав парите, дојде непријатното изненадување. Тогаш првпат се посомневав дека всушност овие луѓе сакаат да ме измамат, вели Јовановска.

Сомнежите биле оправдани затоа што измамниците ѝ кажале на Јовановска, дека за да си го земе заработениот хонорар од 1.200 долари, прво мора да им уплати 60 долари кои потоа ќе ѝ бидат вратени, а во меѓувреме ќе служат ,,за да се поврзе нејзината банкарска сметка со нивниот портал за плаќање”.

– Тогаш ги викнав моите деца и почнавме да истражуваме што е ова. Едноставно работата почна да мириса на измама. Отидовме на страницата на компанијата со која што мислевме дека сме во контакт, односно чие име го злоупотребуваа измамниците и таму најдовме известување дека тие никогаш не наплаќаат пари за да исплатат пари. А мене токму тоа ми се случуваше. Од друга страна, да не беа децата, бев на работ да наседнам, затоа што работев толку многу време, буквално не станав од столче, и направија да изгледа дека сум само еден чекор од добивањето на мојата плата и дека јас сум проблемот што не сакам да уплатам 60 долари за да добијам 1.200, вели нашата соговорничка.

За целото време измамниците користеле име на вистинска и етаблирана светска компанија, па Лидија решила да ги контактира нив.

– Во тој момент се ми стана јасно. Компанијата ми кажа дека многу сериозно ја сфаќа оваа измама со злоупотреба на нивното име и репутација и дека веднаш ќе ја испитаат измамата. Рекоа дека ова не е комуникација што доаѓа од нивна страна, туку од страна на измамници и дека оваа измама се случува во повеќе држави во светот, вклучително и во Македонија. Овие луѓе објавуваат огласи за работа со името на етаблирана фирма, со цел да им ги земат парите на оние што ќе прифатат да работат фриленсерски за нив или пак да дојдат до нивните лични податоци. Во државите каде што се користат чекови, дури и испраќале лажни чекови, па кога тие нема да поминат во банка, измамените плаќале дебели казни, ни изјави Јовановска.

Измами од ваков вид се секојдневие на страниците кои што објавуваат огласи за работа од дома. Она кое ги мотивира граѓаните да посегнат по работа за внесување податоци е тоа што иако одзема многу енергија и време, оваа работа изгледа како нешто што секој може да го работи. Ветените, а неисплатени хонорари се исклучително нереални и високи за македонски услови и граѓаните наседнуваат на идејата дека за краток временски период ќе заработат добри пари. Но, секогаш кога треба да се изврши плаќањето на фриленсерската услуга на работникот, од него се бараат пари за некаква измислена такса, банкарско поврзување или за тестирање и тренинг и ова е црвениот аларм кој сигнализира дека нешто не е во ред.

И во странство постојано се алармира за лажните работодавачи кои скриени зад мониторот заработуваат од наивноста на луѓето ширум светот. Зад нив стојат организирани мрежи кои работат според подготвени сценарија за тоа како да одговараат на прашањата на граѓаните, како да ја направат комуникацијата веродостојна и да ги разубедат жртвите да уплатат пари, за наводно да ја добијат својата плата. За разлика од нив, реалните огласи за работа вклучуваат пишани договори и никогаш не се бара уплата на пари од страна на работникот, за да му се исплати платата, под ниеден изговор.

Минатата, 2023 година беше лукративна за онлајн измамниците на светско ниво. Според извештај што го објави Комисијата за федерална размена на САД, Американците загубиле 2,7 милијарди долари во комбинирани различни измами на интернет, во периодот меѓу јануари 2021 и јуни 2023 година.

Измамите биле со различни методи, од романтични врски, нарачка на производи кои никогаш не пристигнале, испраќање банкарски податоци, крипто паричници и лични податоци и така натаму. Да се биде свесен за честите начини на кои оперираат бескрупулозните измамници значи заштита во интернет просторот. Една од почестите измами е со нудење на работна позиција фриленс, односно со работа од дома, каде од работникот се бара да внесува податоци. Иако има компании кои легитимно вработуваат за оваа цел и на ваков начин, сепак се далеку поретки отколку измамниците, кои сочинуваат 95 проценти од ваквите огласи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот