
Левица: САД го избришаа македонското малцинство – уште една бламажа на македонската дипломатија
Отстранувањето на македонското малцинство од извештајот, велат од Левица, освен што е сигнал на дипломатски пораз, е и шамар за илузијата на нашите владејачки структури дека САД е наш сојузник.
Од Левица реагираат на бришењето на македонското малцинство од страна на САД, во најновиот извештај за човекови права за 2024 година. Велат дека тоа дополнително да ја влоши состојбата на терен во која се наоѓа македонското малцинство во Бугарија. Според партијата, македонската дипломатија очигледно не успеала да го задржи прашањето на македонското малцинство како точка во американските извештаи за човекови права, што ја поткопува долгогодишната стратегија на послушност кон САД со надеж дека ќе се изврши меѓународен притисок врз Бугарија.
Препорачано
„Во најновиот извештај за човекови права за 2024 година на Стејт департментот во САД, во делот „Слобода на здружување“, новата американска администрација целосно ги исфрли барањата до Бугарија да ги регистрира македонските здруженија. Наспроти ова, во извештајот за 2023 година (објавен во 2024), делот „Слобода на здружување“ беше обемен и детално посветен на македонското малцинство, придружен со конкретни примери за конкретни прекршувања на човековите права на македонското малцинство во Бугарија од страна на бугарските институции, каде јасно и детално ги нотираше одбивањата на бугарските власти да регистрираат македонски организации, спротивно на бројни пресуди на Европскиот суд за човекови права“ велат од Левица.
Ова, според партијата, не само што е уште една дипломатска бламажа на дипломатијата на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од Тимчо Муцунски кој, како што велат е безгласна буква, туку е и резултат на хроничната неспособност на македонската дипломатија да дејствува проактивно и агилно.
Отстранувањето на македонското малцинство од извештајот, велат од Левица, освен што е сигнал на дипломатски пораз, е и шамар за илузијата на нашите владејачки структури дека САД е наш сојузник.
„Со години се потпираме на „стратешкото партнерство“ со Вашингтон, додека реално тоа партнерство функционира еднонасочно – Македонија, скоро секогаш на своја штета, ги исполнува сите геополитички желби на САД (НАТО, санкции, срамни и скандалозни гласања во ОН), а за возврат добива формални изјави од небитни бирократи без суштинска поддршка во најважните национални прашања.
Овој дипломатски пораз беше и очекуван, ВМРО-ДПМНЕ ги заборави сите предизборни ветувања за заштита на националните интереси и, откако дојде на власт, одбра да го сочува статус квото на состојбата во која сериозно се загрозените виталните национални интереси на Македонија. Со преземањето на власт, ВМРО-ДПМНЕ вниманието го насочи кон лични и бизнис интереси на владејачката класа како и на нерационални задолжувања со кои дополнително ги распродава државните капацитети. Дипломатијата на Тимчо Муцунски е сведена на формален ритуал на извештаи и средби, без реална стратегија и без волја за конкретна акција. Во пракса, тоа значи дека националните интереси се жртвуваат на олтарот на корпоративните интереси и неразумниот стремеж за одржување на политичка стабилност по секоја цена“ наведуваат од Левица.
Партијата бара од МНР веднаш да реагира со официјална протестна нота до Стејт департментот на САД, јасно да го изрази нашето незадоволство поради ваквата одлука.