Бобан Стефковски, градоначалник на Гази Баба/Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Левица: Пријател на градоначалникот на Гази Баба лапнал тендери вредни над 9 милиони денари

Партијата Левица наведува дека фирмата на пријател на градоначалникот на Гази Баба од ВМРО-ДПМНЕ, Бобан Стефковски, добила тендери во вредност од 3,6 милиони денари за студентскиот дом „Скопје“, 4,4 милиони денари за домот „Томе Стефановски – Сениќ“ и околу 1 милион за училиштето „Кирил и Методиј“ во Стајковци.

Партијата Левица го обвини градоначалникот на Гази Баба од ВМРО-ДПМНЕ, Бобан Стефковски, дека наместо да ги решава основните проблеми на граѓаните, насочувал јавни средства кон фирма на свој близок пријател преку тендери вредни над 9 милиони денари.

„Во општина каде улиците се распаѓаат, каде што секоја поголема дождовна капка претвора цели маала во мочуриште, каде што десетици семејства и денес немаат канализација и неретко се оставени без вода, каде што децата растат во нечовечки услови – градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски од ДПМНЕ, ги сврте очите на другата страна. Тој не ја гледа мизеријата во општината зашто е зафатен со грижа за тоа како јавните пари да ги насочи кон фирмата на својот најблизок пријател. Станува збор за „ЛАКИТЕРМ” ДООЕЛ, фирма во сопственост на Мики Милевски – човек со кој Стефковски без срам позира претставувајќи го како најдобар пријател. Токму тој другар, благодарение на партиската врска и на расипничкиот карактер на Стефковски, добил тендери вредни над 9 милиони денари“, објави Левица-Гази Баба.

Партијата во објавата посочува дека фирмата на пријателот на Стефковски добила тендери во вредност од 3,6 милиони денари за Државниот студентски дом „Скопје“, 4,4 милиони денари за ДСД „Томе Стефановски – Сениќ“ и околу 1 милион денари за ООУ „Кирил и Методиј“ во Стајковци.

За Стефковски и за ВМРО-ДПМНЕ, се додава во објавата, граѓаните на Гази Баба се последни на листата на приоритети.

„Додека луѓето тонат во кал, дишат канцероген воздух и се гушат во урбанистички хаос, тој ја користи градоначалничката фотелја како банкомат за своите најблиски. Секој ден поминат со ваква власт е уште една рана врз Гази Баба. Ова е општина со сериозен потенцијал за развој и место кое заслужува нормални услови за живот, но Стефковски нуди само корупција, криминал, тендери за „привилегираните” и евтини пи-ар објави кои никако не ја одразуваат неговата улога како градоначалник. Ќе дозволиме ли Бобан Стефковски и ДПМНЕ повторно да ја претворат Гази Баба во приватна касичка за другари и партиски послушници или конечно ќе ставиме крај на ова расипништво?“, велат од Левица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!