Левица предлага измена на Кривичниот законик: Телесните повреди при семејно насилство – да се гонат по службена должност

Пратеничката група на Левица поднесе предлог-измени на Кривичниот законик во скратена постапка со цел заштита на жртвите од семејно насилство преку зголемена проактивност на државните органи.

„Утврдивме дека во правниот поредок има директна колизија меѓу актуелниот Кривичен законик и Законот за спречување семејно насилство, во однос на тоа како се гони делото телесна повреда сторена при семејно насилство. Односно, додека Кривичниот законик телесната повреда сторена при семејно насилство ја означува како дело кое се гони по предлог на жртвата, Законот за спречување на семејното насилство го третира семејното насилство како јавно прашање и наложува гонење по службена должност. Токму поради ова, Левица поднесе измена на членот 130 став 5 од Кривичниот законик со кои измени предлагаме и телесната повреда сторена при семејно насилство да се гони по службена должност, изјави на прес-конференција пратеничката на Левица“, Јована Мојсоска.

Таа додаде дека праксата покажува оти најголем дел од кривичните пријави за семејно насилство се гонат токму по овој член и во најголем дел од случаите, жртвата го повлекува предлогот за гонење на сторителот.

-Со измена на овој член како што предлагаме, ќе се постигне воедначување меѓу Законот за спречување семејно насилство и Кривичниот законик. Поразителни се статистиките кои говорат дека сторителите речиси и не се казнуваат, или се казнуваат само во 15 проценти од случаите. А само во 3 проценти од случаите била изречена затворска казна за сторител на семејно насилство. Ние сметаме дека е штетна одредбата која предвидува гонењето на кривичното дело „телесна повреда при вршење семејно насилство“ да мора да има писмена согласност од страна на самата жртва. Односно, оваа состојба укажува дека законодавецот не ја зел предвид психолошката состојба на жртвата, специфичниот однос меѓу жртвата и сторителот на семејното насилство, заканите и притисоците. Доколку делото „телесна повреда при семејно насилство“ се гони по службена должност, тоа ќе ја олесни позицијата на жртвите и ќе обезбеди независна интервенција од страна на државата – посочи Мојсоска.

Најавите на власта се дека новиот Кривичен законик ќе се изгласа до крајот на 2025 година.

„Поради тоа ние сметаме дека треба итна измена на овој член, зашто секое пролонгирање по однос на превенцијата на семејното насилство значи нови потенцијални жртви во општеството. Со постапување по службена должност при семејно насилство, државата ќе испрати една силна порака – дека семејното насилство нема да се толерира и дека ова кривично дело е казниво, независно од влијанието на сторителот врз жртвата, со што во иднина ќе се воспостави одвраќачки ефект врз потенцијалните сторители“, додаде пратеничката.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот