Левица повика на протест за „Треска“, од „Шанса за Центар“ прашуваат: После битка јунаци глумите?

Фабрика Треска, Фото: Архива

Кога сите правни механизми се исцрпени и ништо повеќе не може да се смени, на Левица ѝ текна за „Треска“, велат од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ по повикот на партијата на протест против бетонизацијата на овој простор.

Левица ги повика граѓаните утре во 17 часот на протест пред „Треска“, како што велат, против испреплетените интереси на политичката, судската и урбанистичката мафија за криминално одземениот имот на работниците и обидот за целосна бетонизација на Центар и на Скопје.

Со изградба на овие бетонски чудовишта ќе бидат населени 30 илјади нови жители на ова мало место, со што се бетонизира и последниот слободен простор во центарот на градот – за дополнително загадување на градскиот воздух и пренатрупување со население. Инсистираме да се почитува препораката на Државната комисија за спречување на корупција за забрана за градење поради две тековни предистражни постапки – се вели во повикот за протест на Левица.

Од „Шанса за Центар“ сметаат дека потегот на партијата е само гол популизам и дека никогаш од советниците на Левица не добиле поддршка во нивната борба за просторот кај поранешната фабрика.

 Сега ви текна да дигате галама за урбицидот кај Треска? До сега слепи бевте, глуви бевте? После битка јунаци глумите? Каде бевте кога ни требаше поддршка во Совет на Општина Центар да му се спротивставиме на градоначалникот кога велеше дека тоа е приватен имот и секој може да прави што сака на приватен имот. Дека приватниот интерес е над јавниот! Тогаш него го поддржавте! Каде бевте кога „Шанса за Центар“ поднесуваше иницијатива до Уставен суд за оценка на уставноста на ГУП за Буњаковец во кој спаѓа и „Треска“? Чекавте судот да застане зад градежниците, па после да реагирате! – велат од граѓанската иницијатива.

Оттаму ги обвинуваат советниците на Левица дека секогаш се таму да му го дадат гласот на СДСМ во Општина Центар кога треба да помине одлука и да се “брцне во медот”! Како доказ за она што го говорат ги повикуваат граѓаните кои имаат дилема дали е тоа така, да изгледаат видео од која било седница на Совет или од продолжението на 27-та седница каде се „аминува“ продажбата на земјиште во Буњаковец и кај „Треска“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот