
Лекарка од Битола попладнево е фатена како зема рушвет, болницата експресно се огради од неа
Лекарка од Очното оддление во Клиничката болница во Битола била фатена како бара и зема поткуп од пациент, објави локалниот портал „Апла.мк“.
Препорачано
Според порталот, лекарката побарала од пациент пари за здравствена услуга, но тој пријавил во полиција, по што му биле дадени обележани пари, кои потоа ѝ ги дал на докторката. Таа веднаш по ова била фатена со парите и приведена. Ова се случило попладнево пред крајот на работното време.
Битолската болница го потврди случајот. Оттаму се оградуваат и велат дека се „згрозени од случајот“.
„Клиничка болница Битола изразува сериозна загриженост што по втор пат од почетокот на годината се соочува со незаконско постапување на лекар на штета на пациент. Жалиме што се наоѓа во ситуација, наш лекар кој вршел работи од јавен интерес да биде осомничен за примање мито од пациент. Ги охрабруваме истражните органи од СВР Битола и ОЈО Битола да постапат транспарентно и законито и во овој случај. Како раководство на Клиничка болница Битола сме згрозени од ситуацијата и се оградуваме од постапката на осомничената лекарка. Стоиме на располагање на истражните органи да ја обелоденат вистината и единствено прифаќаме законита, транспарентна и неселективна постапка“, велат од болницата за „Апла.мк“.
И во овој случај, во согласност со Министерството за здравство итно е спроведена постапка за суспензија на осомничената лекарка се додека трае процесот на истрагата согласно важечките законски прописи. Уште еднаш искрено жалиме за ситуацијата во која бил доведен пациентот и неговото семејство. Поразителен е фатот што незаконските дејанија од лекар кон пациент се случуваат во здравството, но силно охрабрува фактот што овие случаи добиваат јавност, транспарентно и законито постапување од страна на државните органи, стои во изјавата на Клиничка болница Битола за Апла.мк
Во јануари лекар хирург беше уапсен и условно осуден за барање на мито од пациент во Битола.