Легендарниот Тони Бенет: Френк Синатра го нарече „најдобриот пејач“, а со Лејди Гага го имаше последниот настап

Тони Бенет
Фото: Profimedia

Легендарниот пејач Тони Бенет, кој имаше музичка кариера долга осум децении, почина утринава на 96-годишна возраст во Њујорк, САД.

На Бенет му беше дијагностицирана Алцхајмерова болест во 2016 година, но продолжи да настапува и да снима музика сѐ до 2021 година. Неговиот колега Френк Синатра своевремено го нарече „најдобриот пејач во шоубизнисот“, а неговите песни се карактеризираа со неизмерна топлина, гласовна јасност и емоционална отвореност, пишува „Музика“.

Детство и младост

Тони Бенет е роден како Ентони Доминик Бенедето во Квинс, Њујорк, на 3 август 1926 година. Неговите родители биле италијански имигранти – татко му Џон бил бакал, а мајка му Ана била шивачка. Тој пораснал во сиромаштија, а почнал да пее уште во детските години.

Покрај музиката, Бенет имал голема љубов и кон сликарството. Токму затоа се запишал во уметничко средно училиште во Њујорк, каде се едуцирал во областа на музиката и уметноста.

За време на Втората светска војна, тој станал дел од армијата на САД. По завршувањето на конфликтот, Бенет пеел како член на бендот на Вооружените сили.

Тони Бенет и неговата љубов кон уметноста / Фото: Kevin Holt/ANL / Shutterstock Editorial / Profimedia

Почеток на музичката кариера

Во 1949 година, Бенет почнал професионално да се занимава со музика. Својата прва плоча, која не доживеала некој особен успех, ја снимил за независната издавачка куќа „Лесли рекордс“.

Истата година се пријавил во талент шоуто на Артур Гадфри, каде го освоил второто место. Поради ова учество, пејачката Перл Бејли го ангажирала во клуб, а Боб Хоуп го проследил настапот. Земајќи го младиот пејач под своја закрила, Хоуп го преименувал во Тони Бенет и го ангажирал за неговиот настап во њујоршкиот театар Парамаунт.

Во 1950 година, Бенет го однел демото од песната „Boulevard of Broken Dreams“ до шефот на „Колумбија рекордс“, Мич Милер, кој му дал договор со издавачката куќа и го охрабрил да развие свој стил.

Снимил неколку значајни албуми, вклучувајќи ги „The Beat of My Heart“ (1957), „Strike Up the Band” (1959), „In Person!“ (1959) и „Tony Sings for Two“ (1961), кој претставува интимен дуо рецитал со пијанистката Шерон, која му се придружила на Бенет како музички директор во 1957 година.

Токму Шерон ја внела песната „I Left My Heart in San Francisco“ во концертната листа на Бенет. Оваа песна му ги донела првите Греми награди – за снимка на годината и најдобра вокална изведба на машки изведувач.

Тони Бенет во 1969 година / Фото: ITV / Shutterstock Editorial / Profimedia

Пороци и враќање на сцената

Без издавачка куќа или менаџер, вмешан во непријатен развод од неговата втора сопруга, прогонуван од Управата за јавни приходи и борејќи се со речиси фатална зависност од кокаин, Бенет го доживеал дното во приватниот живот. Токму затоа неговиот син Дени Бенет почнал да управува со кариерата на татко му во 1980 година.

За среќа, следела целосна промена во неговата кариера. Син му го ангажирал во популарни телевизиски проекти, како што биле „Шоуто на Дејвид Летерман“ и Музичките награди на Ем-ти-ви, Благодарение на овие појавувања, Бенет се стекнал со нова слушачка публика, која не била многу упатена во неговата претходна работа. Потоа повторно потпишал договор со „Колумбија рекордс“ и го снимил албумот „The Art of Excellence“ (1986), со кој се вратил на топ-листите.

Враќањето на сцената го крунисал со уште две Греми награди, за албумите „Perfectly Frank” (1992) и „Steppin’ Out“ (1993). Во текот на неговата кариера, Бенет освоил 20 Греми награди.

Иако музиката му била главна животна определба, тој никогаш не го запоставил сликањето. Неговите дела биле изложени во галерии на меѓународно ниво, а во 1996 и 2000 година објави и книги за неговата уметност.

Фото: Timothy A. CLARY / AFP / Profimedia

Активен до самиот крај

Што се однесува до неговиот глас, низ годините тој никогаш не ги загуби своите интерпретативни вештини. Неговата агилност дојде до израз со неговите две колекции „Duets“, кои го споија со мноштво млади музички ѕвезди. Втората колекција стигна до врвот на топ-листите вo 2011 година, со што Бенет стана најстариот изведувач во историјата кој објавил албум број 1.

Во подоцнежните години, тој ја издаде дуетската песна „Body and Soul“ со Ејми Вајнхаус и неколку снимки со Лејди Гага. Дури и откако на почетокот на 2021 година беше откриено дека му била дијагностицирана Алцхајмерова болест, тој остана активен.

Неговиот последен јавен настап беше со Лејди Гага во Радио Сити Мјузик Хол во август 2021 година, два месеци пред неговото последно издание – „Love for Sale“, како продолжение на нивната соработка од 2014 година, „Cheek to Cheek“.

Тој зад себе ги остави сопругата Сузан Бенедето, двата сина, Дени и Деј Бенет, ќерките Јохана Бенет и Антонија Бенет и деветте внуци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот