Тренерот на РК Алкалоид, Кирил Лазаров/фото: facebook.com/rkalkaloid

Лазаров: Имаме одлични „плус четири“, треба порелаксирано да го дочекаме реваншот против АЕК

Ракометниот клуб Алкалоид е поблиску до освојување на пехарот во ЕХФ Европскиот куп откако на првиот меч во Атина славеше со 29:25 против АЕК.

Реваншот ќе се игра в недела од 20.30 часот во СЦ „Борис Трајковски“ – Скопје и како што извести клубот сите влезници реваншот од финалето во ова клупско натпреварување се продадени.

РК Алкалоид одржа прес-конференција на која беа споделени очекувањата во пресрет на возвратнит дуел.

Од клубот апелираат од трибините да се навива одговорно, да се навива спортски, да нема несакани моменти кои би ја нарушиле атмосферата. Нека биде еден спектакл, да помине сѐ во духот на фер-плејот.

– Благодарност за поддршката што се даваше во текот на целата година, особено во нашиот европски пат и еве заедно успеавме да стигнеме до еден финален натпревар кој е важен за клубот, но и за македонскиот ракомет општо. Одигравме еден одличен натпревар во Атина, резултатски за мене и неочекувано. Имаме еден одличен резултат од „плус четири“ голови разлика. Момците беа на висина на задачата, она што го договаравме, го исполнија и мислам дека со голема предност, влегуваме во реваншот.

Од една страна секогаш сум претпазлив од она што не очекува знаејќи го нашиот менталитет, бидејќи клубот, ростерот кој го има од 21 играч, од нив 19 се Македонци, тоа го спомнувам затоа што е важно за клубот, и за македонскиот ракомет и спорт. Од друга страна чувствувајќи ја атмосферата, мислам дека треба порелаксирано да го дочекаме реванш мечот, да уживаме. Како играч имам многу финалиња и повеќе ги имам изгубено, и мислам дека тоа искуство доста помага да можам да ја подготвам екипата. Ќе пробаме со стручниот штаб да се потрудиме играчите да бидат неоптеретени, релаксирани, ден пред натпреварот ќе бидеме во карантин. Не сакаме ракометарите да бидат под никаков притисок за да можат во недела да го дадат најдоброто од нив во што не се ни сомневам.

Направивме анализа од мечот во Грција, имаше многу добри работи, но и сегменти кои треба да ги поправиме, работевме на тоа и подготвени го очекуваме вториот меч против грчката екипа – изјави тренерот на РК Алкалоид, Кирил Лазаров.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот