
Лазаров: Имаме нереални „минус 10“ од Германија – играчите треба да го остават срцето на теренот
Ракометарите на Алкалоид в сабота (6 септември) со почеток од 19.30 часот во салата „Автокоманда“ во Скопје ќе го играат реваншот против Хановер Бургдорф од Германија во квалификациите за пласман во Европската лига на ЕХФ.
Препорачано
Во првиот натпревар одигран во Хановер, тимот на Кирил Лазаров загуби убедливо со резултат 37:27.
Како што е најавено, пред почетокот на возвратниот дуел, на РК Алкалоид ќе му биде доделен победничкиот пехар од ЕХФ Европскиот куп освоен минатата сезона.
– Хановер минатата сезона повеќе од осум месеци беше лидер во Бундеслигата, најсилната лига на светот, а оваа година е додатно засилен со доста искусни и квалитетни играчи. Искрено ми е жал, можам да кажам нереални и неочекувани 10 голови разлика за мене во првиот натпревар, бидејќи сабота е убав ден и ќе го подигнеме пехарот од она што го направивме минатата сезона, и тоа не било каков пехар, туку европски пехар во третото по квалитет европско клупско натпреварување. Еден македонски тим, што постои три години во Супер лигата, и една година во Првата македонска лига. Не е убаво чувство да се подигне пехарот со „минус 10“ од Германија, но сме биле и во почудни, потешки ситуации.
На реваншот против Хановер ќе пробаме достоинствено да го презентираме македонскиот ракомет и да одиграме еден квалитетен и комплетен натпревар. Им кажав на моите играчи, после анализата, дека сабота треба да го остават срцето на теренот, поради нас, поради клубот, проектот со македонски играчи, поради навивачите, поради нашата јавност – изјави Лазаров на денешната прес-конференција.
