
Кривична пријава – Со пиштол на појасот разрешениот Нанев незаконски ќе ја чува безбедноста во Кавадарци?
Во кривичната до која дојде „Слободен печат“ се вели дека министерот Тошковски и Нанев ја злоупотребиле службената положба и се аргументира зошто Нанев по 23 години, кога тогашниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски му го ставил работното место во мирување, е незаконски вратен на работно место инспектор за општ криминалитет во Надворешна канцеларија за криминалистички работи Кавадарци.
Анонимни кавадарчани поднесоа кривична пријава до Обвинителството во Кавадарци против министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и доскорешниот судија Лазар Нанев кого Судскиот совет го разреши за 97 јавувања на обвинет кого потоа го ослободил.
Препорачано
Пријавата следува и откако по 23 години МВР го врати на работно место инспектор во полициската станица во градот, а подносителите се исплашени дека тој со пиштол на половината ќе треба да ја гарантира безбедноста во градот во кој имал „список со непожелни“.
Оваа правна ситуација што е прва од ваков вид – некој што има траен мандат, како судијата Нанев, да биде разрешен и да се врати на своето претходно работно место, предизвика правна полемика дали постои правна празнина или Нанев е вратен незаконски на претходното работно место, односно од судија разрешен за корупција, сега ќе гони криминал.
Во кривичната до која дојде „Слободен печат“ се вели дека министерот Тошковски и Нанев ја злоупотребиле службената положба и се аргументира зошто Нанев по 23 години, кога тогашниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски му го ставил работното место во мирување, е незаконски вратен на работно место инспектор за општ криминалитет во Надворешна канцеларија за криминалистички работи Кавадарци.
Во пријавата се спори одлуката на поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски да му го стави во мирување на Нанев работното место, одлуката на Тошковски да биде вратен, но и рокот кога е вратен во МВР.
Според пријавата, Тошковски во својство на министер бил поттикнат од Нанев да му признае право што не му следува по Закон за судијата да добива плата, а потоа и пензија од буџетот на државата.
Судиската функција е трајна
Во пријавата се тврди дека Тошковски го прекршил член 151 од Законот за работните односи, кој гласи: „На работник што е избран или именуван на државна или на јавна функција, утврдена со закон, а чие вршење бара привремено да престане да работи кај работодавачот, му мирува работниот однос за време на вршење на функцијата и има право, во рок од 15 дена по престанувањето на функцијата што ја вршел, да се врати на работа кај работодавачот за вршење работи што одговараат на неговиот степен на стручна подготовка“.
Според толкувањето на подносителите на пријавата, во овој член јасно се наведени условите под кои Нанев може да се врати на работа, а тоа се функцијата што ја извршувал да е со одредено времетраење, а не со траен мандат, да му престанала функцијата што ја извршувал одреден период, но не и ако е разрешен, и да се врати на работа најдоцна 15 дена од кога е констатиран престанок на функцијата.
Тие ја спорат и првата одлука што ја донел тогашниот министер Бошкоски, бидејќи на Нанев не му следувало мирување на работниот однос затоа што не бил избран или именуван на државна или јавна функција привремено, туку бил избран на судиска функција што е трајна.
– Министерот бил должен при одлучувањето тоа да го знае и да го цени особено бидејќи не смеел да се доведе во ситуација една незаконитост да покрива со друга. Може ќе се оправдува дека не е тој што треба да цени, си има процедура, но ова го кажуваме бидејќи бил должен да цени затоа што поминале сите законски рокови за да се поништува таа одлука и тој што ја донел и потпишал да одговара. Таа одлука по сила на закон е ништовна и тоа особено кога со автоматско прифаќање на која било па и таквата незаконита одлука прави штета на буџетот – се вели во пријавата.
Во пријавата се нотира дека датумот на неговото барање за враќање на работа е едно, бил конечно разрешен од судија на 12 февруари, а го вратиле на работа во јули, односно по истекот на законскиот рок од 15 дена.
– Може, Лазар Нанев, бидејќи на сите ни е познат како манипулатор, дури издејствувал првопријавениот да му удоволи за што му требало време и малку му биле 15 ден, па поднесувал разноразни поднесоци, барања, жалби, кривични пријави, боледувања, но тоа го правел свесно за да има покритие сè дури се убеди некој што требало да се убеди – пишува во пријавата.
Пријавата стигна во Обвинителство
Тие се уверени дека Обвинителството ќе се увери дека Тошковски, ако тој го донел и го потпишал решението или некој друг ако го вратил на работа, сторил кривично дело.
– Се надеваме дека законот важи за сите. Правда мора да има и за нас обичните смртници, а не само за министер, началник или друго овластено лице и локален монструм што со децении ги користи и ги искористува функциите улизувајќи им се на сите што се на функции за да си оствари лични права и да си го зголеми личниот буџет ама и за да оди на функција за повеќе да има сила и да се заканува и да рекетира – стои во пријавата.
Од Јавното обвинителство за „Слободен печат“ само кратко потврдија дека пријавата е стигната во ОЈО Кавадарци, но сè уште не е распоредена бидејќи стигнала сега.
Нанев како инспектор во септември треба да седне на обвинителна клупа во Основниот суд во Велес каде што му се суди за несовесно работење, а во меѓувреме гевгелиското обвинителство против него има отворено истрага, затоа што за неколку денови повеќе од 90 пати се слушнал со обвинет, кој потоа како судија го ослободил од кривична одговорност.
МВР потврди дека Нанев бил вработен во Министерството во 1992 година каде што работел до 2001 година.
Откако станал судија, министерот во согласност со член 54 од тогашниот Закон, донел решение и му го ставил местото во мирување, каде што по 23 години се враќа иако е разрешен и против него се водат кривични постапки.
– Со предметното решение на именуваниот му било утврдено право во рок од 30 дена од денот на престанување на функцијата што ја вршел, да се врати на работа на работно место што одговара на неговиот степен на стручна подготовка – велат од МВР.
Нанев поднел барање за враќање на работа во МВР на местото за кое МВР смета дека му мирувало 23 години.
– Сега е инспектор за општ криминалитет во Надворешна канцеларија за криминалистички работи Кавадарци, Одделение за внатрешни работи Кавадарци при СВР Велес, сметано од 15.7.2025 година, работно место што одговара на неговиот степен и вид стручна подготовка – се вели во одговорот од МВР.
Во пријавата, сограѓаните за Нанев велат „волкот влакното го менува, ама ќудот не“.
Разрешениот судија Нанев сега е полициски инспектор, местото го чекало 23 години