Ковачки обвинува за тендерот за набавка на храна во МВР, Спасовски вели дека со новата набавка полициските службеници ќе добиваат поевтина храна

Драган Ковачки
Драган Ковачки / Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки на денешната седница за пратенички прашања во Собранието го обвини министерот за внатрешни работи дека фирма што добила тендер за храна од МВР исто така добила и грант од државата за изградба на фабрика, но и тендер од 13 милиони евра.

Конкретно во Ѓорче Петров во касарната имаме потполно нов објект изграден пред десетина години, а токму кога во периодот е министер за внатрешни работи Оливер Спасовски тој објект дополнително се осовременува и се набавува најсовремена кујна. Значи по сите хасап стандарди. Истото е и со Центарот за обука во Идризово. Значи имаме нови кујни со нова најсовремена опрема за приготвување и складирање на храна. Кујни во кои досега вреден и искусен персонал подготвуваше храна за полициските службеници. Но овој пат внимавајте за првпат во независна Македонија полициските службеници сместени во овие објекти што ги спомнав ќе консумираат храна која ќе биде набавена од приватна фирма. И тоа не било од која фирма туку од фирма која е основана токму со поддршка од Владата на ДУИ во која партиципира и Социјалдемократскиот сојуз. Значи МВР изградило нови објекти како кујнско трпезариски блокови односно набавила скапа нова опрема, но услугите за исхрана ги дало на фирма која добила грант од 1.6 милиони евра од Владата, истакна Ковачки

Вели дека на поставувањето на камен темелникот на погонот на фабриката на истата во Гази Баба бил присутен и министерот за внатрешни работи.

Со двата тендери на МВР од речиси 13 милиони евра од кои за период од 36 месеци компанијата „Индустри сервис“ во просек може да наплати до 4,5 милиони евра. И тоа е речиси за една третина повеќе пари во однос на минатата година кога МВР дало односно потрошило околу 3.3 милиони евра за храна. Ваквиот начин на набавка на храна во МВР, институцијата ќе ја чини многу повеќе пари отколку да се готви храната во кујните на МВР, посочува пратеникот.

Истакна дека од договорите на МВР може да се забележи дека храната е од други производители, а не од фирмата што ги доставува, обвинувајќи дека фирмата „Индустри сервис“ само ставиле своја маржа на конзервите и како последица на тоа, Ковачки вели дека „МВР плаќа повеќе отколку кога самите би произведувале“. Прашањето упатено до министерот Спасовски беше „Колку проценти од маржата на фирмата припаѓаат на него лично“.

Спасовски на тоа одговори дека нема ништо спорно од процедурален и законски аспект.

Направена е врз основа на анализа и економска оправданост, која е основа за да се распише каква било јавна набавка во делот на вакви услуги за набавка на храна, односно избор на оператор кој практично ќе нè снабдува со храна, истакна министерот Спасовски.

Тој категорично ја негираше и констатацијата дека за првпат во историјата на независна Македонија се дава објект за исхрана на приватна компанија која треба да снабдува некоја единица.

Не е точно, зашто објектот кој беше земен под закуп, надвор од касарната Илинден, за да таму биде служена храна на САЕ Тигар, цело време функционираше со оператор кој е од надвор. За цело време на 12-годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ беше склучен договор со кафеана од Скопје. Не со фирма, туку со кафеана! Без никакви стандарди, без никаква гаранција и без никакво осигурување што се однесува на користењето на храна, доколку се случи во одредени ситуации да имаме труење со храна“, ги демантираше изнесените дезинформации министерот Спасовски, додавајќи дека сега, по над 40 години од основањето на Единицата, разликата е јасна, вели Спасовски.

Сега, за разлика од тогаш, Спасовски вели дека имаат објект, кој го преземале од Министерство за одбрана и во САЕ Тигар направиле нов објект.

Знаете каков беше тогаш Војничкиот клуб и по какви стандарди е направен сега – во делот на исхраната. Ако сакате може да разговарате со полициските службеници каква исхрана имале претходно, а каква имаат сега, дали се задоволни или не се?! Истото тоа може да го направите и со економскиот оператор кој ќе почне да работи и во Центарот за обука и во Полицискиот центар ’Ѓорче Петров‘“, рече министерот Спасовски, додавајќи дека е добро оваа тема да се споделува во јавност за да се покаже колку ВМРО-ДПМНЕ работи против македонската полиција и МВР, посочува министерот.

Во однос на оправданоста, Спасовски потенцираше дека економската анализа покажува оправданост заради тоа што ова е рамковна спогодба, што не значи дека проценетата вредност треба да се искористи до крај, туку ќе се искористи согласно потребите.

Ќе нема вработени кои ќе вработат во кујна, туку вработени од компанијата; постои банкарска гаранција за квалитетно и навремено извршување на работите и постои осигурителна полиса за секој еден корисник на овие мензи – доколку нешто се случи да биде наплатена штета. Во тој дел е целосно обезбедено да не настане штета во делот на оперирањето“, рече министерот Спасовски, додавајќи дека треба да се направат и градежни активности кои се во надлежност на фирмата-оператор со цел да се исполнат ХАСАП стандардите, како и нови маси, нови столици, нов прибор за јадење, чинии – сè што е потребно за еден објект да служи храна кога ќе има потреба, аргументираше Спасовски.

Заклучи дека цената на оброците ќе биде помала од шест до девет проценти, додека во Центарот за обука, цената ќе биде и до 30 отсто помала.

Првенствено е да има подигање на квалитетот на исхраната и задоволство на полициските службеници, подвлече министерот Спасовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот