Ковачевски во Белград: Односите меѓу Македонија и Србија никогаш не биле подобри

Официјалната посета на Ковачевски почна со средба со српскиот претседател Александар Вучиќ со кого го потврдиле долгогодишното партнерство и пријателство меѓу двете земји, отсликано преку постојаната заемна поддршка за клучни прашања и за предизвици што ги засегаат двете земји.

Меморандумите за олеснување и за забрзување на протокот на патници и возила на граничниот премин Табановце – Прешево, за вмрежување на системите за електронска наплата на патарините и за соработка во областа на рударството и енергетиката се трите документи што беа потпишани при завчерашната посета на македонската владина делегација на Белград. Документите за натамошно приближување на двете држави, економии и народи произлегуваат од обврските за Отворен Балкан.

Владината делегација во официјалната посета на Србија ја предводеше премиерот Димитар Ковачевски. Објаснувањето за првиот Меморандум за олеснување на протокот на граничниот премин Табановце, што го потпишаа министрите за внатрешни работи на двете земји, е дека е резултат на свесноста за високото ниво на фреквенција на патнички возила што се создава на овој граничен премин. На наоѓањето решенија работеле тимови на министерствата, ИТ-секторите и граничните полиции, царинските управи како и министерствата за транспорт и врски при што се дефинирани повеќе типови мерки со чија реализација ќе се олесни и ќе се забрза протокот на патници и возила. Мерките се однесуваат, пред сѐ, на теренската инфраструктура и на моделот на заедничко гранично управување.

Вториот документ за вмрежување на системите за електронска наплата на патарините предвидува наскоро сите граѓани на Србија со ТАГ инсталиран уред да можат да поминуваат на патарините низ Северна Македонија без да застануваат, а тој ќе важи и за граѓаните на нашата држава кога патуваат низ Србија.

Со третиот меморандум за соработка во рударството и во енергетиката се покажува заедничката подготвеност за зајакнување на меѓусебните односи и разбирање, со цел да се придонесе за економски развој. Од владината прес-служба велат дека енергетиката е столб на економијата, а со овој меморандум се поддржуваат заедничките инвестиции од двете земји, особено за градење капацитети за користење обновливи извори на енергија, производство на енергија и меѓусебно поврзување на системите за гас и електрична енергија на Македонија и на Србија.

Официјалната посета на Ковачевски на Белград почна со средба со српскиот претседател Александар Вучиќ, со кого го потврдиле долгогодишното партнерство и пријателство меѓу Македонија и Србија отсликано преку постојаната заемна поддршка за клучни прашања и за предизвици кои ги засегаат двете земји.

Како што соопшти владината прес-служба, на средбата било заклучено дека билатералните односи меѓу двете земји се карактеризираат со динамичен политички дијалог на високо ниво, економска соработка и трговска размена.

„На средбата беше разговарано за регионалните иницијативи, кои се можност за перспективи и за уште поголемо унапредување на меѓусебната соработка. Целта на Отворен Балкан и на Берлинскиот процес е регионален развој и побрза интеграција на единствениот европски пазар и во Европската Унија“, се наведува во соопштението.

На средбата се разговарало и за политиката на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан и за динамиката на пристапните преговори на Северна Македонија и Србија. Притоа биле нагласени реформските процеси во повеќе клучни области, градење институционални капацитети како и развојните стратегии што ги спроведуваат владите на двете земји.

Во Белград се одржа и заеднички пленарен состанок на двете владини делегации кој што го отвори српската премиерка Ана Брнабиќ. Притоа било заклучено дека билатералните односи помеѓу Северна Македонија и Србија никогаш не биле подобри од денес и се без отворени прашања. „Како добри соседи, успешно ги надминавме и предизвиците од економско-енергетската криза, во рамки на Берлински процес и на иницијативата Отворен Балкан“, било кажано на состанокот.

Во владината делегација што ја предводи Ковачевски се и министрите за внатрешни работи Оливер Спасовски, за економија Крешник Бектеши, за транспорт и врски Благој Бочварски како и заменик-министерот за информатичко општество и јавна администрација Александар Бајдевски.

Веднаш по пристигнувањето во Белград, Ковачевски, како што објави на Фејсбук, се прошетал со Вучиќ и со премиерката Брнабиќ на кејот на Сава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот