Костадиновска-Стојчевка: Не е ова прв случај кога не биле одобрени сите побарани средства

Бисера Костадиновска Стојчевска Фото: Министерство за култура
Бисера Костадиновска Стојчевска Фото: Министерство за култура

Годинашниов буџет за Министерството за култура е намален, во однос на претходниот, така што и средствата наменети за финансирање на проектите од национален интерес по одделни области и активности од културата се помали од ланските, објасни ресорната министерка Бисера Костадиновска Стојчевка одговорајќи на бројните реакции на тие што конкурирале, а не ги добиле средствата, како и на тие кои добиле помалку одошто барале.

– Никогаш нема да имаме доволно пари во Министерството за сите што бараат. Но, сметам дека комисијата постапила добро и најсоодветно ги распределила средствата. Сите кои мислат дека на било кој начин се обесправени имаат право на жалба – објасни таа на брифингот со новинарите.

И во однос на тие кои добиле средства, но не во износот што го барале, министерката беше јасна.

– Не е ова прв случај кога не биле одобрени сите побарани средства – рече таа.

Станува збор за неодамнешната распределба на буџетот за поддршка на проекти во културата, кој за оваа година изнесува 12,5 милиони евра и за кој имало 3.355 релевантни пријави додека 332 беа отфрлени поради нецелосна документација.

Веднаш по објавувањето на списокот на добитниците, уследија реакции.

Меѓу другите, реагираа установата за уметнички дејности „Скопски џез фестивал“, која соопшти дека годинашното издание на фестивалот „ОФФест“ нема да се одржи, поради тоа што доделените милион денари на конкурсот „не овозможуваат ни најминимални финансиски услови за одржување на фестивалот“.

И фолк-пејачката Цветанка Ласкова побарала организаторот да не ги зема доделените 300.000 денари од Министерството за култура по жестоките реакции во јавноста. Министерката пак, ги негираше наводите дека Ласкова, како нејзина сопартијка, по политичка линија ги добила парите.

– Партиската припадност никогаш не била и нема да е критериум на овој конкурс – подвлече министерката.

Со реакција излезе и Македонската асоцијација на издавачи која изрази големо разочарување.

На прашањето кој ја контролира работата на комисијата, министерката објасни дека таа
има свој правилник за бодување врз основа на кој работи, а дека тежината на проектот се одредуваше според поднесената апликација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот