
Контролирајте го бесот! Само осум минути лутина може да ве чини живот
Луѓето ги собираат сите негативни емоции во ист кош, но овој резултат покажува дека лутината, тагата и анксиозноста може да се разликуваат во тоа како влијаат на здравјето на срцето.
Препорачано
Во студијата неодамна објавена во списанието „Журнал на Американското здружение за срце“, научниците откриле дека изливите на лутина можат привремено да ја оштетат способноста на крвните садови правилно да се шират, што се смета за клучно за спречување на стврднување на артериите. Тоа истражување ќе помогне во создавањето поголема научна основа за анализа на претходно забележаната поврзаност помеѓу гневот и зголемениот ризик од срцев удар.
– Лутината е штетна за функционирањето на вашите крвни садови бидејќи ги ослабува нивните функции и способност за проширување, а тоа е поврзано со ризикот од срцев удар во иднина – вели водачот на студијата, д-р Даичи Шимбо, кардиолог и директор на центарот за хипертензија на Медицинскиот центар Ирвинг на Универзитетот Колумбија во Њујорк.
Јасна поврзаност помеѓу негативните емоции, како што се лутина, тага и анксиозност, и зголемен ризик од срцев удар веќе е забележана во некои набљудувачки студии. Сепак, не се знае доволно за тоа како овој тип на емоции предизвикува телесни промени што доведуваат до можни несакани кардиоваскуларни состојби.
Доктор Шимбо и неговиот тим соработници поделиле 280 навидум здрави возрасни лица во групи и им дале задача да се потсетат на чувствата на лутина, вознемиреност или тага во траење од осум минути, за време на кои извршиле серија мерења. Студијата вклучувала и контролна група која требало да задржи неутрална емоционална состојба во текот на осум минути. Научниците земале примероци од крвта на испитаниците, им го мереле крвниот притисок и способноста на функционирањето на нивните крвни садови. Во споредба со оние од емоционално неутралната група, испитаниците кои се присетиле на настани што им предизвикале лутина имале намалување на способноста на нивните крвни садови да се шират. Поконкретно, таа способност била двојно помала. Ова достигнало кулминација 40 минути по задачата за предизвикување гнев, а потоа функцијата на крвните садови се вратила во нормала.
– Иако овој ефект беше само привремен, треба да се нагласи дека тој следеше само по осум минути доживување гнев, што нè наведува да се запрашаме какво кумулативно дејство може да има лутината на крвните садови во подолг временски период. Покажавме дека, ако се налутите само еднаш, тоа ја намалува способноста на ширење на вашите крвни садови. Но, што ако се налутите 10.000 пати во текот на животот? Таа хронична траума на вашите крвни садови со текот на времето може да доведе до трајни оштетувања и веруваме дека токму тоа се случува – рекол д-р Шимбо, кој бил изненаден од фактот дека доживувањата тага и анксиозност немале статистички значајни ефекти врз крвните садови.
– Луѓето ги ставаат сите негативни емоции во ист кош, но овој резултат ми кажува дека гневот, тагата и вознемиреноста може да се разликуваат по тоа како влијаат на здравјето на срцето и го зголемуваат ризикот од срцев удар – вели тој.
– Ова истражување сугерира дека кратките периоди на гнев може да бидат поврзани со кардиоваскуларни болести. Интересно е затоа што помага да се објасни нешто што често сме го гледале – рекла д-р Сузан Арнолд, кардиолог, која не била вклучена во студијата.
Таа додала дека има многу податоци кои претходно покажале дека акутниот гнев го зголемува ризикот од срцев удар, но механизмот одговорен за тоа не бил сосема јасен.