Контејнерите до Македонија ќе доцнат, ќе поскапи увозната стока?

Фото: PickPik.com

Речиси 90 проценти од суровините што ги увезуваме се од Кина и од Индија, а се увезуваат и градежни материјали, пластика, памук. Бродарите ги диктираат цените, а сега со заобиколувањето, транспортните трошоци за еден брод се зголемени за 2 милиони долари

Пренасочувањето на бродскиот превоз на Црвеното Море и заобиколувањето на ‘Ртот Добра Надеж, глобално ќе ги зголеми патните трошоци во наредниот период и секако ќе се одрази врз увозните цени на повеќе производи и во Македонија, брифираат за „Слободен печат“ од компанијата „Навико шипинг“, специјализирана за бродско-контејнерски превоз на стоки од и за Македонија. Ако цената на бродскиот транспорт со еден помал контејнер до минатата недела се движела од 1.600 до 1.900 долари, сега за истата големина се плаќа и четирипати повеќе, односно над 6.500 долари.

Сето тоа има влијание и врз крајната цена на производите, се согласуваат нашите соговорници и додаваат дека можеби ваквите цени не се толку драстични како за време на пандемијата, но сепак ова е голем скок на превозот по постпандемиската стабилизација.

– Речиси 90 проценти од суровините што ги увезуваме се од Кина и Индија, а се увезуваат и градежни материјали, пластика, памук. Бродарите ги диктираат цените, а сега со заобиколувањето транспортните трошоци за еден брод се зголемени за 2 милиони долари. Бродовите вртат и кружат, а тоа значи повеќе пари за нафта, како и за пристанишни такси, бидејќи има попатни застанувања. Се поставува и прашањето колку африканските пристаништа се подготвени за толкав обем на стока. Значи сето ова ќе предизвика голема дисторзија на пазарот, која можеби нема веднаш да се преслика кај цените, но за еден месец ќе имаме пореална слика. Треба и да се спомене дека најголемиот дел од бродскиот превоз се истовара во Пиреја, па се превезува со помали бродови до пристаништето во Солун – објаснуваат од „Навико шипинг“.

Во идеални услови, за да се донесе стока со бродски контејнер од Кина во Македонија, на пример, се потребни од 35 до 40 дена, но сега со метежот при товарењето или истоварот во некое од попатните пристаништа, сигурно е дека ќе има доцнења. Дотолку повеќе што во февруари Кина ја слави својата Нова година, па во декември и јануари има големи нарачки за разни стоки.

Над 100 контејнерски бродови се пренасочени од Црвеното Море до ‘Ртот Добра Надеж

Повеќе од сто контејнерски бродови веќе се пренасочени од Суецкиот Канал по значително подолгата рута покрај ‘Ртот Добра Надеж во Јужна Африка за да се избегнат тензиите во Црвеното Море, пренесува БТА од онлајн изданието на „Ентерпрајз њуз“.

Сообраќајот низ теснецот Баб ел Мандеб на југоисточниот крај на Црвеното Море, кој го поврзува со Аденскиот Залив на Арапското Море и Индискиот Океан, падна за 14 отсто меѓу 15 и 19 декември во споредба со периодот меѓу 8 декември и 12. Нема изгледи за неодамнешна нормализација на глобалната трговија поради заканите од јеменските Хути дека ќе ги нападнат американските воени бродови доколку бидат нападнати. Околу 12 отсто од светската трговија минува низ Суецкиот Канал. Тоа е најважниот поморски пат меѓу Азија и Европа, особено за транспорт на течен природен гас и нафта.

Поради пренасочувањето цените на контејнерите скокнаа на 10.000 долари!

Со пренасочувањата на Црвеното Море од страна на бродските компании, вклучително и Маерск, кои продолжуваат во услови на ризик од напад на Хутите, глобалните менаџери за логистика се соочуваат со двострана бура од зголемени океански и воздушни товарни трошоци и заглавен товар. И двете се закани за глобалниот синџир на снабдување по три бурни години инфлациски притисоци и одложувања предизвикани од нарушувањето предизвикано од ковид, кое неодамна се чинеше дека конечно е надминато.

Горната граница на цените на океанските товари скокна за неколку часа во четвртокот како резултат на повеќе бродови што се пренасочија од Црвеното Море. ЦНБЦ дознава дека менаџерите за логистика деновиве цитирале тарифи на океански товари и до 10.000 долари за контејнер долг 40 метри од Шангај до Обединетото Кралство, пренесува СЕЕ.биз.еу.

Минатата недела цените беа 1.900 долари за контејнер од 20 метри, до 2.400 долари за контејнер од 40 метри. Цените на камионите на Блискиот Исток што сега се цитираат се повеќе од двојно од тоа. Од четврток наутро, 158 бродови во моментов се пренасочуваат од Црвеното Море со повеќе од 2,1 милиони товарни контејнери. Вредноста на овој товар, врз основа на процените на MДС Tрансмодал од 50.000 американски долари по контејнер, е 105 милијарди американски долари.

Барел нафта скокна над 80 долари поради нападите на бродови во Црвеното Море

Цената на нафтата се искачи над 80 долари на лондонскиот пазар во средата, поттикната од нервозата поради нарушувањата во глобалната трговија и геополитичките тензии на Блискиот Исток по нападите на бродови во Црвеното Море. Цената на барелот на лондонскиот пазар се зголеми за 89 центи во однос на претходното затворање, на 80,12 долари, пишува „Пословни дневник“. На американскиот пазар со барел се тргуваше за 93 центи поскапо, по цена од 74,87 долари. Во вторникот цената на двата пазари се зголеми за повеќе од еден процент бидејќи некои компании ги пренасочуваат бродовите и подолгите патувања ги зголемуваат трошоците за транспорт и осигурување. Во средата Грција ги советуваше комерцијалните бродови што пловат низ Црвеното Море и Аденскиот Залив да ги избегнуваат јеменските води. Грчките бродари контролираат околу 20 отсто од светските комерцијални бродови во однос на носивоста.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот