Конференција на КСС во Битола за пристојно, здраво и безбедно работно место

Фото: Слободен печат

Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС) одржаа конференција во Битола на тема: „Да зборуваме гласно! Да работиме гласно! Заедно за пристојно, безбедно и здраво работно место!“

На конференцијата беше истакнато дека кога се зборува за пристојни работни места тоа значи пристојна плата која обезбедува пристоен живот. Но, според КСС пристојно работно место исто така значи и здраво и безбедно работно место кое овозможува долгорочно планирање на иднината, не само на работникот, туку и на неговото семејство.

-Секој работник има право за безбедност и здравје при работа, и секој треба по завршувањето на работниот ден дома да си замине среќен и задоволен, а неповреден. За нас како Синдикат покрај повисоките плати и сигурноста на работното место, важно место зазема и безбедноста и здравјето на работниците. Затоа и насловот на оваа конференција во Битола е после подолг временски период да зборуваме гласно, да работиме гласно, за пристојно здраво и безбедно работно место. Впрочем, на 7 октомври е Светскиот ден за пристојно работно место, а последната недела од октомври е Европската недела за безбедност и здравје при работа. Целта на овие конференции е да почнеме да правиме дијалог со работодавците од државниот и приватниот сектор и заедно да зборуваме за тоа колку е важно еден работник да биде здрав и продуктивен-вели Благоја Ралповски, претседател на КСС.

Синдикалниот совет за безбедност и здравје при работа е формиран пред една година. Според Советот, голема е бројката на непријавени случаи за повреди при работа, и спогодбени договори на работниците со работодавците.

-На работниците им се нуди соодветен надомест и тие го прифаќаат. Тоа е навистина проблем и сакаме јавно да истакнеме дека со самото тоа договарање меѓу работникот и работодавецот се остава простор, повторно следниот пат да се повреди или тој работник или негов колега на работното место. Затоа, потребно е да се преземат сите безбедносни мерки за безбедни работни места и нашата тенденција е да се направи промена за да имаме во државата безбедни работни места-рече на конференцијата во Битола, Жарко Краус, претседател на синдикалниот совет.

Според статистиката на Меѓународната организација на труд, околу 4 проценти од БДП во сиромашните земји се одлеваат за компензации за повреди и несреќи при работа.

-Според податоците на Заводот за статистика над 400 милиони евра се одлеваат од заедничките фондови како што се Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Фондот за социјална заштита итн. Ако сите овие пари се одлеваат по однос на компензации, тоа е доволен факт и покажува зошто Македонија е онаму каде што во моментот се наоѓа. Ова тело заедно со Конфедерацијата на синдикатите работи на полето за подигнување на јавната свест за безбедност и здравје при работа, затоа што ако се вели дека нема пари за безбедност и здравје при работа, ние со факти, аргументи и истражувања покажуваме дека вработените немаат пристојна и здрава работна средина, дека се гине на македонските работни места и дека сакаме тие работи да ги промениме-вели Славица Јанкова од синдикалниот совет за безбедност и здравје при работа и додава дека од суштинско значење е работниците да се запознаат со правата од Законот за безбедност и здравје при работа.

Од Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија велат дека ваквите конференции каде што се потенцира и партнерството помеѓу социјалните партнери е важна алка на сите нивоа и може да придонесе да се подобри лошата слика.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот