Кон патот на помирувањето

Благојче Атанасоски
Благојче Атанасоски. / Фото: Архива на Слободен печат

Ни треба промена на менталитетот, на духот на нашето битисување, на нашето поведение, кое денеска личи на однесување на класични балкански нации, а не на развиени европски, кои се помириле со минатото и заеднички ја градат иднината.

Во овие неколку години, практично  од употребеното вето врз македонските евроинтеграции од страна на нашиот источен сосед, кога македонско-бугарските државни и национални односи го доживеаја дното во севкупните општења од двете страни на границата, преку свои колумни, изјави, анализи и тези се обидував да го „лоцирам проблемот“, односно да укажам како треба да се „реши“ за да продолжиме напред и да ја градиме заедничката иднина во Европската Унија, како две (добро)соседски земји, кои меѓусебно ќе си помагаат и ќе се развиваат користејќи ги предностите на Унијата, за да го подигнат животниот стандард на граѓаните и во Делчево и во Благоевград, и во Петрич и во Струмица, и во Ќустендил и во Крива Паланка, односно да ги користат фондовите за прекугранична соработка со кои може да се изгради модерна инфраструктура, да се креираат работни места, да се отворат мали бизниси и на тој начин луѓето што живеат по рабовите  на границите, наместо масовно да се селат со бугарскиот пасош во западноевропските развиени земји и од Македонија и од Бугарија, тие својот животен пат да го реализираат токму во местата каде што се родиле и израснале.

За жал, бев еден од ретките, кои публично го правеше  тоа, напати и на моја штета (карикатурални смешници ме прогласуваа за „предавник и софиски платеник“) и не можев да постигнам ништо во морето продуцирана омраза, хистеризација, пропаганда, лажни вести и манипулации во двете општества. Како човек, кој излезот го бара во патот на историското и национално помирување, поканет сум од невладината организација „Евротинк“ да присуствувам на конференција, која во содејство со канцеларијата на ЕУ кај нас, преку панел дискусии и меѓунационални конференции, со поканети еминентни гости од двете страни на границата се обидува да го „стопи мразот“ во меѓусебните односи и да го „сруши подигнатиот менталитетен берлински ѕид“ некаде по билото на Осоговските и на Малешевските Планини. Ми претставува особена чест и задоволство, што мојот труд, работа и моите тези се ценети од нормалните, цивилизираните, европеизираните пристојни луѓе, антипод на фашистите, шовинистите и национал-радикалите што под превезот на „патриотизмот“, направија политички кариери исклучиво за лична материјална цел и за материјално богатење. И во Македонија, и во Бугарија.

Промената на духот и менталитетот е најтешка!

Македонија и Бугарија, како и сите балкански држави, кои имаат многу слична идентитетско-јазична поврзаност и испреплетеност, имаат премногу сложена, речиси во целост исклучувачка историја и историографска наука. Безмалку не постои настан, лик или дело од поблиското минато на деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век, кога се создавале посебните нации-држави, денеска да ни биде наше ткиво на поврзување. Напротив, за сите до еден постои разидување, односно национално исклучувачко присвојување. Па, така, дали станува збор за литературните преродбеници од втората половина на деветнаесеттиот век или пак за револуционерните дејци, настани и дела, ние денеска како две независни држави, членки на НАТО и идни партнери во Европската Унија, спориме и се бориме да ги присвоиме како дел од нашата (разделена) историја. Односно, националниот историски мит и наратив и во Бугарија и во Македонија, денеска е дека  тие, соодветно, се само бугарски или само македонски.

Таквиот наратив, кој трае од самиот почеток на воспоставувањето на меѓудржавните соседски односи од создавањето на Македонија како државно-правна заедница во 1944 година, најпрво како дел од пошироката федерација, СФР Југославија, но и после 1991, кога Македонија ја прогласи својата независност и стана посебна државна заедница, вцртана во картата на светот, придонесе до создавање на исклучително лоши и негативни последици по соседските односи, кои во изминатите неколку години, по официјализирањето на бугарското вето за македонските евроинтеграции, го доживеаја својот врв. Во овие четири години и тие малку односи што ги имавме на воспоставена соработка во стопанството, надворешнотрговската размена, културата, образованието и туризмот регресираа, односно се ставени под закана. Како  тогаш да трасираме пат во иднината, без да гледаме во минатото? Многу едноставно: да гледаме само во иднината, бидејќи од сегашноста ние може да ја креираме, односно да ја обликуваме. Сите наши меѓусебни активности и односи во денешниот, актуелен момент, се влог во иднината и креација на некое идно минато, кое доколку се разбираме позитивно, такво и ќе го направиме да биде во историските  учебници, како период на развој на добри меѓусоседски односи.

Сето наше минато, интерпретирано по дијаметрално спротивен начин, треба да остане длабоко во историјата, бидејќи што и да направиме не може да го промениме. Во духот на европските односи, можеме само да се поклониме пред жртвите за слободата и на Бугарија и Македонија, без да навлегуваме во суштинската дебата дали тие биле „Бугари или Македонци“ во денешната смисла на зборот, бидејќи тоа е пат без крај. А иднината, посебно во дваесет и првиот век нуди толку многу прозорци на можности: од економска и инфраструктурна поврзаност, трговијата, културата и музиката, до образованието и уметноста. Тоа се секојдневните теми, кои го обликуваат животот на денешниот човек, на денешниот Европеец, за да го направат неговиот живот полноценен во вистинска смисла на зборот. Сè друго се историски митови, фантазмагории и фатаморгани, во кои можеме да ја потонеме нашата иднина, како што правиме, за жал во моментов. Ни  треба промена на менталитетот, на духот на нашето битисување, на нашето поведение, кое денеска личи на однесување на класични балкански нации, а не на развиени европски, кои се помириле со минатото и заеднички ја градат иднината.

Донкихотска борба!

Борбата за ова и вакво помирување е мачна, тешка, поплочена со добри намери, но со лоши нагазни мини, поставени од поданиците на подземен Белград кај нас и надземен Кремљ во соседна политичка и официјална Софија. Всушност, македонско-бугарското прашање повеќе од еден век е монета за поткусурување во геополитичките големи игри и интереси на официјална Москва и нејзините интереси на овој дел од европскиот континент и на официјален Белград, со сите негови екстензии во политичко Скопје. И секогаш поразената страна се македонските и бугарските граѓани, односно Македонците и Бугарите, кај кои се мултиплицирала омразата, а добитните се политичките стратези на нашиот северен сосед и во официјален Кремљ. Од Париската мировна конференција, по завршувањето на Првата светска војна, па наваму.

Дали јас сум наивен да поверувам дека стогодишната продуцирана, теледиригирана омраза, посеана во умовите на нашите два народа може да се исчисти и да се излечи со вакви и слични конференции на кои учествуваме по неколкумина ентузијасти од двете страни на границата, каде што зборуваме за добрососедство и соработка? Не, воопшто. Но, дали постои друг начин? Не гледам во моментов. Ние сме Донкихоти што се борат со ветерниците пред нас создадени десетлетија наназад. Но, не се откажуваме. И, на крајот на денот, ако не ја добиеме „последната битка“ за спас на тоа што останало да се спаси, барем ќе знаеме дека имаме чист морален образ, дека сме биле на правилната страна на историјата. Еден ден, кога ќе се пишува!

(Авторот е политиколог)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот