Фото: МИА

Комисијата за заразни болести донесе нови препораки за ковид-19 во Македонија

Комисијата за заразни болести во петокот донела нови препораки за ковид-19 во Македонија. Тие препораки го даваат одговорот на тоа како болниците треба да постапуваат кога нивен хоспитализиран пациент ќе заболи покрај примарната болест и од ковид- 19.

Се отфрла правилото пациентот да биде препраќан на Инфективната клиника освен ако не се работи за тешка форма на болеста. Во секој останат случај – болниците и клиниките во Македонија треба да создадат посебни простории за изолација на пациентите што се хоспитализирани и имаат пропратен ковид, за да може да се третира нивното основно заболување.

– Секоја клиника во која ќе се дијагностицира позитивен пациент треба да обезбеди услови за третман и изолација на пациентот со цел да се третира неговото основно заболување што било причината за хоспитализацијата, односно болеста која го загрозува животот и здравјето на пациентот – вели за „Слободен печат“ доктор Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заштита на населението од заразни болести.

Тој вели дека ова е реафирмиран став и се однесува на пациенти што имаат хируршки или интернистички состојби. Втората препорака на Комисијата за заразни болести е во сите здравствени установи да се почитува куќниот ред за посети. Тоа не значи дека нема да има посети во здравствените установи, но тие да не смеат да се одвиваат без ред – туку во строго утврдено време. Третата препорака на Комисијата се однесува на вакцинацијата.

– Се препорачува вакцинација на високоризичните групи двапати годишно. За сите други, се препорачува вакцинација против ковид-19 еднаш годишно, во есенските месеци кога се очекуваат најголем број инфекции – вели доктор Мехмедовиќ.

Бројот на случаи со ковид-19 во Македонија расте. Во јули статистиката на Институтот за јавно здравје покажа дека имало 250 регистрирани случаи. Симптомите се прекумерно потење, гадење, треска, температура, зацрвенето грло, промени во крвниот притисок, болки во градите и тешко дишење.

Во најголемиот дел граѓаните се лекуваат дома, со помош на матичните лекари. За граѓаните без коморбидитети, ковид-19 не води кон хоспитализација ниту кон тешки пневмонии. Меѓутоа, за ризичните групи на пациенти, оние кои веќе имаат тешка болест, како карцином, леукемија или хронични болести, вирусот може да направи компликации.

– Моите симптоми беа температура, изнемоштеност и болки во грлото. Мајка ми имаше кашлица. Една пријателка го загуби чувството за вкус. Мене и на мајка ми докторката ни кажа дека 6 дена сме заразни и тие шест дена да останеме дома, изолирани. Ни беше даден антибиотик – вели за „Слободен печат“ пациентка што неодамна прележала ковид.

Според билтенот за движењето на акутните заразни заболувања на Институтот на јавно здравје (ИЈЗ), во текот на јули, најмногу заболени од ковид имало меѓу возрасната група над 60 години и кај деца до 9 години.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот