Комисија за финансирање и буџет ќе ги разгледа измените и дополнувањата на Законот за субвенциран студентски оброк

Собрание / Фото Слободен печат / Драган Митрески

Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска ќе ги разгледа измените и дополнувањата на Законот за субвенциран студентски оброк, по скратена постапка, со којшто се предвидува зголемување на дневниот износ на субвенцијата од 120 на 140 денари.

Предлогот е поднесен од пратениците од владејачкото мнозинство Моника Зајкова, Боби Мојсоски, Даниела Николова, Санела Шкриељ, Марија Кочовска и Жаклина Лазаревска.

Пратеничката Зајкова на седницата минатата недела образложувајќи го предлогот рече дека со него се предвидува да се зголеми дневниот износ на оваа субвенција од 120 на 140 денари и можност освен од понеделник до сабота, таа да важи и на верски празници. Посочи исто така дека се предвидува износот на субвенцијата да се усогласува со инфлациската стапка по секоја фискална година.

-Законот предвидува системско решение и конечно ќе добиеме систем за да не се соочуваме секоја година да имаме по два предлога и да собираме политички поени за оваа мерка, рече Зајкова.

Од „Студентскиот отпор“ минатата недела реагираа дека сумата од 140 денари дневно за студентски оброк е договорена нелигитимно со неколкумина студенти, без да бидат прашани сите студенти со што нема поддршка од сите засегнати страни.

Тие побараа од сегашните 120, студентскиот оброк да се зголеми на 160 денари.

Порачаа дека студентите се иднина на државата и не смеат „да бидат жртви на нефунционални системи и алчни функционери“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот