
КОЈ Е СИЛЈАН МИЦЕВСКИ? Неговото име се спомнуваше и во „бомбите“
Бизнисменот Силјан Мицевски денеска два часа даваше исказ во Обвинителството за гонење организиран криминал во врска со случајот „Рекет“.
Препорачано
Мицевски кажал дека 720.000 евра префрлил на сметката на Меѓународниот сојуз, а не на сметката на пензионерката Лилјана Тодоровска, како што таа тврдеше.
Името на Силјан Мицевски од поодамна и е познато на јавноста. Тој беше градоначалник на Битола во периодот од 1996 – 2000 година од редовите на СДСМ, но и сврте грб на партијата откако заедно со неговата сопруга Виолета Мицевска беа притворени во Истражниот затвор во Битола, по обелоденувањето на аферата ТАТ во 1997 година. Мицевски беше ослободен од сите обвиненија за негова вмешаност во аферата “ТАТ” и поведе постапка за надомест на штета против државата. Народната банка му исплати отштетата од повеќе од 25 милиони денари на градежното претпријатие “Пелистер” од Битола чијшто прв човек е токму Мицевски.
Неговиот глас се слушаше и во т.н. бомби кои одекнаа во 2015 година, а ги објавуваше тогашната опозициска партија, СДСМ, на прес-конференции.
Претседателот на Општинскиот комитет во Битола, Васко Ковачевски, објави „бомби“ на кои, според него, се зборува за изборните нерегуларности, затворање на фирми, кои не се истомисленици со партијата на власт, потоа договарања за вработувања по партиски списоци, а сите тие кои не гласаат за нив ќе бидат избркани од работа.
Во една аудио снимка, можеше да се слушне разговор кој наводно се води меѓу бизнисменот Силјан Мицевски, сопственик на градежното претпријатие „Пелистер“ и Влатко Чингоски, поранешниот директор на ЕЛЕМ. Чинговски од Мицевски бара да се направи список на вработените кои не сакале да гласаат, за да знаат кои се и подоцна да ги избркаат од работа.
Разговор помеѓу Влатко Чингоски и Силјан Мицевски
ВЧ: Слушај вчера бев ваму и ми дадоа некое ливче со имиња, кај тебе шо работат и кои не се сигурни за гласање. Па да…
СМ: Абе кој нема сите ќе ги избркаме кажи кои се тие и готово.
ВЧ: Не не треба да ги избркаш, не треба. Треба да ги убедиш да гласаат, ако не гласаат тогаш ќе ги избркаме
СМ: Абе како не, сите не само тие.
ВЧ: Дообро
СМ: Си имам јас организација напраено таму
ВЧ: Добро значи можда ќе ги викнат твоите луѓе да знаеш
СМ: А обавезно кажи ми ти кои се тие, кажи ми кои се
ВЧ: Има Мирко, вчера беше со мене Мирко, имат списокот да не праам по телефон многу муабет
СМ: Важи, важи.
Разговорот слушнете го тука.
Името на Силјан Мицевски во минатото се поврзуваше и со неколку други финансиски афери. Битолската јавност шпекулираше оти во 1997 година без одлука и одобрување од Министерството за образование, започнала изградба на училишна спортска сала од страна на градежната фирма “Пелистер”. Направениот долг кој со камата наводно изнесувал 80 милиони денари, без никаков склучен договор со министерството за образование, фирмата ги наплатила веднаш по доаѓањето на владата на Црвенковски во ноември 2002 година.