Кои се највлијателните 10 земји во светот?

Извор-ФОТО :Wikimedia

Објавувањето на списоци поврзани со најголемите или најмоќните армии, економии, спортови и други сили во светот, секогаш е интересно за пошироката јавност. Во тој контекст е впрочем и текстот објавен на израелскиот медиум The Jerusalem Post (ЈП) кој секоја година ја објавува листата на највлијателните држави во светот. Иако нема големи изненадувања на првите три позиции во однос на влијателноста во 2022 година на државите врвот од листата тие според Јерусалим Пост се оценети по повеќе параметри меѓу кои за нивната политичка, економска и воена моќ.

Без изненадување на првото место според ЈП го зазедоа Соединетите Американски Држави, кои според порталот УС Њуз кој впрочем го вршел бодувањето за влијателноста ги нарече „најдоминантна економска и воена сила во светот“. Порталот објави дека културниот печат на САД се протега во светот, а во првите редови на тоа е популарната култура изразена преку музиката, киното и телевизијата. Но, порталот исто така нагласува дека САД во исто време се соочуваат и со внатрешни „немири“ вклучително и расно мотивирани протести, особено по аферата Џорџ Флојд што ја разбранува јавноста во земјата.

На второ место е Кина. Најнаселената земја во светот, воедно и втората по големина економија во светот, е под силна контрола на Комунистичката партија. Меѓутоа, како што наведува медиумот земјата исто така страда од внатрешни поделби и растечка нееднаквост, како и од обвинувања за кршење на човековите права, пишува американскиот портал. И покрај сето ова, Пекинг сепак има огромно влијание врз светот.

И додека првите две позиции беа безмалку очекувани, можеби најголемите изненадувања кое ни го претстави ЈП, повикувајќи се на анализите на американските медиуми, се оние кои се однесуваат на 3-то и 4-то место на листата на највлијателни земји во светот.

Па така, ЈП наведува дека и покрај војната во Украина, Русија сепак е трета по влијание во светската политика. Начинот на кој Русија е перципирана во светот поради инвазијата на Украина и западните санкции против економијата на таа земја секако имаа влијание, пишува ЈП. Сепак, УС Њуз наведува дека сè уште е најголемата земја во светот по површина и е исто така една од најголемите светски економии, благодарение на производството на нафта и гас. Порталот исто така истакна дека Русија е постојана членка на Советот за безбедност на ОН и исто така учествува во Г20.

На четврто место и покрај големата економска и енергетска криза е Германија, најнаселената земја во Европската унија. Американскиот портал истакна дека земјата има една од најголемите економии во светот и презеде значајна улога во меѓународната заедница од обединувањето во 1990 година. Исто така, Германија е еден од најголемите увозници и извозници во светот и има културно значајна карактеристики.

Велика Британија пак е на петтото место како највлијателна земја за минатата година. Обединетото Кралство е „високо развиена нација која има значително економско, политичко, научно и културно влијание“. Исто така, беше истакнато дека Британија е дел од политичките и трговските сојузи во светот, но и дека одлуката за напуштање на Европската унија е голем минус за земјата. Дополнително, беше наведено дека главниот град Лондон игра голема улога во глобалниот финансиски систем и има „долга историја на придонес во уметноста и науката“.

На шесто место е Јужна Кореја која предминатата 2021 година беше на осмата позиција. На листата влијателни земји потоа следи Франција на 7 место, Јапонија на 8, ОАЕ на 9 и на крајот – на 10 место е Израел, за што во текстот на ЈП се вели дека и покрај нејзината големина, земјата одигра значајна улога во глобалните работи. Исто така, Израел има силна економија и е од големо значење за Евреите ширум светот. Сепак, во оценката се истакнува дека Израел има постојани конфликти со Палестинците и е обвинет за кршење на човековите права. Во извештајот беше објавено и дека главните извозни производи на Израел се дијаманти, технолошка опрема и лекови. Израел се искачи за едно место во однос на минатата година кога оваа земја тогаш беше рангирана на 11-то место за влијателна земја.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот