Кога мнозинството молчи насилниците дивеат и победуваат!

Џабир Дерала / Фото: СП. архива

Повеќето луѓе не сакаат да се конфронтираат. Тие сакаат своето мислење да го чуваат за себе, за да го зачуваат мирот во сопствениот меур. Тоа е погрешно, бидејќи на тој начин им ја препуштаат јавноста на неписмените и насилниците.

Социјалните мрежи се извонредна илустрација за состојбите во општеството. Првиот заклучок што може да се извлече од објавите и коментарите е поразителното ниво на писменоста. Вчудовидува колку многу луѓе се, практично, неписмени. Ако не знаат да пишуваат, тогаш сигурно тешко и читаат.

Ако не знаат да читаат и да пишуваат, значи дека имаат проблем и да го разберат тоа што го читаат. Знаејќи го сето тоа, не треба да зачудува фактот што нивните „јавни настапи“ на социјалните мрежи се простачки и неписмени, најчесто насилнички.

Лесно е неписмен или полуписмен човек да се обработи, да му се всадат вредности што одат против сè што е човечно. Да му се ограничи свеста и совеста. Да се претвори во пион на центрите на моќта кои се борат против демократијата и прогресот.

Кој е одговорен?

Луѓето не се целосно одговорни за својата тапоглавост. Одговорни се тие што не им дале минимум квалитетно образование. Понатаму, може да се каже, уште повеќе одговорни за ниското ниво на писменост и разбирање на настаните се медиумите. И не се само тие.

Политичките партии и институциите што имаат директна одговорност да промовираат вредности во општеството, секојдневно го уриваат и онака ниското ниво на писменост и свест. Да не ги заборавиме и верските заедници. Дел од нив имаат, колку голема и важна, толку и неславна, улога во промоцијата на дискриминацијата, омразата и војната.

Затоа, социјалните мрежи се преполни со „јавни настапи“ што, освен што се неписмени, немаат ни најдалечна врска со логиката и реалноста. Зачудува како луѓето ги опфаќа тотално слепило пред фактите. Одлепени од реалноста, отуѓени од местото каде што живеат, затапени и несвесни за интересите на заедницата во која живеат, опиени од восхитот кон насилниците – тие не се служат со сопствените сетила, ниту со сопствениот мозок.

Но има нешто полошо и подлабоко. Изгледа дека насилството и злото на многумина им се попривлечни од мирот и добрината. На дланка го имаат целото светско знаење, но одбираат да веруваат во лагите. Меѓу добрината, правото на живот и хуманоста од една страна и ограбувањето, уривањето, убивањето, тортурата и силувањето, од друга страна, го одбираат второто, злото.

Ехо на повиците за геноцид

Така, некој лумпен трол, македонски иселеник што живее во Мелбурн, на социјалните мрежи ќе го видите како се става во одбрана на Путин и повикува на ликвидации на неговите неистомисленици, па нека се и Руси. Заминал од Македонија дури во Австралија (не во Русија), живее пристоен живот, благодарение на австралиското уредување, но се претворил во верен поданик на Путин, кого ни Русите одамна не го сакаат.

Тој/таа е само простачко и неписмено ехо на грозоморните повици на геноцид на првиот канал на руската национална телевизија. И утре веројатно ќе гласа за некоја екстремна десничарска политичка опција која внесува поделби, омраза и насилство меѓу луѓето.

И на повеќето други важни теми во светот се однесуваат слично. Тие се најлесните жртви и најревносни дистрибутери на теориите на заговорот и омразата кон различностите, на секој став различен од нив одговараат со повици за линч.

Тивкото мнозинство

Кога мнозинството молчи, насилниците дивеат… И победуваат! На ордата неписмени мразачи на социјалните мрежи индиректно им помага и тивкото мнозинство на, повеќе или помалку, „пристојни“ луѓе кои не сакаат да се „експонираат“. Навистина, повеќето луѓе не сакаат да се конфронтираат. Тие сакаат своето мислење да го чуваат за себе, за да го зачуваат мирот во сопствениот меур.

Тоа е погрешно, бидејќи на тој начин им ја препуштаат јавноста на неписмените и насилниците. Исто како што е погрешно да не се гласа, а со тоа правото на капитални одлуки во општеството да им го препуштат на партиските војски. Право на секој поединец е да биде пасивен и да се затвори во сопствениот меур.

Но, важно е секој да знае дека последицата од пасивноста значи зелено светло за непречено дејствување на најмрачните структури во општеството. Важно е да се сфати дека граѓанското учество не е работа, дека општеството им припаѓа на сите, така што грижата за вредностите е како грижа за домаќинството.

Уште полошо е кога дел од „пристојните“ луѓе ќе решат да проговорат и да го истурат своето незадоволство врз оние што донкихотовски се борат против неписменоста и насилството. Затоа што „не направиле доволно.“ Кој тоа не направил доволно? Не гледаат дека токму тие се, барем делумно, заслужни што општеството и демократските институции се окупирани од насилници и криминалци.

Но, тоа е уште една долга и тревожна приказна за самоуништувањето.

 

Извор: Цивил медија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот