Кога ќе престане негирањето, ќе почне зближувањето!

Што е она кон што цели Бугарија со своите нагласени желби за зголемено присуство во медиумите, бизнисот и образованието во Македонија? Дали сака да ја прикаже нашата земја како некооперативна и недемократска пред ЕУ или пак сака со т.н. мека моќ полека да влијае врз свеста на граѓаните и колку е тоа можно?

Според аналитичарите, Бугарија не е искрена во намерите и не сака само соработка и приближување на народите, туку целта и е преку отворена и суптилна пропаганда и на други начини да ги „освестува“ Македонците дека се „прелажани Бугари“, но во тоа нема да успее.

Деновиве властите во двете земји ги продолжија разговорите откако Бугарија минатиот месец го блокираше усвојувањето на преговарачката рамка за Македонија со ЕУ и си разменија акциски планови за спроведување на Договорот за добрососедство, а според „Еуроактив“, Бугарија меѓу другото побарала и отворање кампуси на бугарските универзитети. Претходно вицепремиерот Красимир Каракачанов ја критикуваше Македонија дека е недемократска затоа што немало ниту една телевизија на бугарски јазик, а вицепремиерката Екатерина Захариева упати критики дека сме незаинтересирани за изградба на автопат и пруга кон нив.

Политикологот Благојче Атанасовски смета дека не е можно Бугарија да ги оствари своите интереси во Македонија, ниту со многу пари ниту со пропаганда, туку со промена на нивниот наратив кон нас.

– Искрено, „меката моќ“, која сака да ја наметне Бугарија кај нас, нема да ја смени толку драстично нашата слика за Бугарија, бидејќи нашата исклучително лоша перцепција кон нив е градена во последните 75 години. Убеден сум дека генерално тоа нема да дојде до еден вид на „културолошка и економска окупација“ од Бугарија, бидејќи нашиот сентимент и мемориски код кон нив и денешните испреплетени односи на непризнавање на нашиот идентитет и јазик ни создава перманентно чувство на антагонизам. Ако Бугарите „влезат“, може само да ја омекнат нашата нетрпеливост кон нив, но не и да го променат нашето генерално мислење кон нив. Тоа не може да се случи сѐ додека не го сменат нивниот наратив „дека Македонија е бугарска, Македонците се одродени Бугари, а нашиот македонски јазик е само регионална југозападна норма на официјалниот бугарски јазик“ – вели Атанасоски за „Слободен печат“.

Тој смета и дека Македонија не поставува пречки за влез на бугарскиот капитал, како што се жалат Бугарите и дека сите бугарски инвеститори би биле добредојдени.

– Кога со Грција имавме уште потежок проблем околу нашето уставно име, грчките компании и бизнисмени купуваа македонски стопански гиганти, банки и фирми, што значи нашата држава воопшто не била имуна на грчкиот капитал, односно не била таа која поставувала пречки. Така што ако денес бугарските економски гиганти сакаат да влезат на македонскиот пазар, убеден сум дека вратите им се отворени и бугарските свежи пари се добредојдени. Се поставува прашањето, дали бугарските компании и бизнисмени сакале да добијат големи поволности од македонските официјални власти за да пенетрираат на пазарот кај нас, па поради недобивањето на тие попусти се откажуваат, а тоа го прикажуваат како наше одбивање поради политички причини – вели Атанасоски.

Аналитичарот Сашо Клековски од Македонскиот центар за меѓународна соработка вели дека во Бугарија се продолжува митот дека во Македонија живеат заблудени Бугари, на кои ако им се даде можност, ќе ја разбудат својата заспана бугарска свест.

– Бугарија 30 години имаше можност да работи на зближување на народите и на државите, но освен што делеше бугарски државјанства, не стори ништо друго. За ова време тие немаат изградено ниту еден километар автопат кон Скопје, а нѐ обвинуваат нас дека само ние сме виновни за инфраструктурната неповрзаност. Досега никој не ги спречувал бугарските инвеститори да отворат медиуми, факултети и компании кај нас. Кај нас има Славјански универзитет, има Балкански колеџ, има разни меѓународни студии. Кој ги спречи бугарските инвеститори да отворат приватни образовни институции во Македонија? Особено што многу Македонци одат да студираат во Софија или во Благоевград. Истото важи и за отворање бугарски компании и никој никого не спречува ако се почитуваат законите. Ние имаме пример со бугарски инвеститор во Кочани, кој е силен загадувач на воздухот и друг пример со бугарски инвеститор со рудниците во Струмичко. Ако мислат дека ние за нив ќе бидеме евтина колонија во која тие ќе ги донесат нивните валкани технологии што не можат да си ги применуваат дома оти се членка на ЕУ, се лажат. Сета ова нивна политика е во функција на одржување на митот за изманипулирана бугарска свест кај Македонците. Тие 30 години ја зборуваат истата приказна која е наменета за нивното гласачко тело и го одржуваат митот со напад кон нас, кон послабиот – вели Клековски за „Слободен печат“.

Атанасоски додава и дека бугарските медиуми уште пред 20 години се присутни кај нас, како музичката телевизија „Планета пајнер“, како и дека кабелски оператори реемитуваат бугарски канали во источна Македонија, а во Струмица се реемитува и националната бугарска телевизија БНТ.

– Ако има заинтересираност, нема проблем ниту за телевизии ниту за факултети, но за тоа треба инвестирање сериозни пари и почитување, а не заобиколување на македонските закони и институции. Изјавата на Каракачанов дека имаме српски, а не и бугарски телевизии, нема да ја коментирам, бидејќи е резултат на еден длабок историски комплекс и фрустрација бидејќи Бугарија не е „на местото на Србија“, во однос на сферата на влијание во целокупното македонско општество – вели Атанасоски.

Клековски вели дека секако е потребно да се разговара и понатаму со Бугарија за да се надминат сите недоразбирања и Македонија да продолжи со евроинтеграциите и дека за почеток тоа омекнување и покажување на конструктивност треба да почне со оние нешта за кои брзо и лесно може да падне договор, како што е изградбата на патиштата и пругата.

Германија ја сака Македонија во ЕУ

Германија деновиве ја повтори својата намера и поддршка за отворање на пристапните преговори на Македонија со ЕУ. Амбасадорката Анке Холштајн завчера рече дека се надева оти Македонија во текот на оваа година ќе ги почне преговорите.

– Нема друга алтернатива. Исполнети се сите услови од страна на С. Македонија. Во текот на следните недели многу е важно да има соработка меѓу С. Македонија и Бугарија во оние области и сегменти каде нема разлики во мислењата, со што ќе се докаже дека постои добра соработка – рече германската амбасадорка.

Таа најави дека во рамките на тројното претседателство со Португалија и Словенија ќе продолжат со напорна работа за да почнат преговорите.

Радев ги одложува изборите во Бугарија

Бугарскиот претседател Румен Радев сака да ги одложи парламентарните избори и повика на промена на процедурите за гласање, пренесоа вчера бугарските медиуми. Тој ги повикал партиите на консултации во врска со измените во постапката за гласање, кои ќе се прават поради пандемијата со коронавирусот.

Радев ги поканил претставниците на партијата „Волја“ на консултации но, заменик претседателот на Националното собрание и лидер на партијата, Веселин Марешки, смета дека вакви консултации не можат да се одржат два месеца пред изборите.

– Ми се чини многу чудно што консултациите се одвиваат токму сега, а не пред шест месеци.

Претседателот Радев сакаше избори на 28 март и сега тој бара подоцнежен датум. Прашањето е: кој го притиска – изјавил Марешки.

Радев во декември распиша избори за крајот на март, но на почетокот на јануари, поради големиот број смртни случаи од ковид, тој нареди да се одложат изборите како мерка против ширење на вирусот.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот