Книгата „Дом во тишина“ содржи триесетина поетизирани есеи на Никола Маџиров

Издавачката куќа „Арс ламина“, во рамки на програмата „Денови на литературата“, на 20 февруари, во книжарницата „Литература.мк“, во „Дајмонд мол“ во Скопје, ја промовираше првата есеистичка книга „Дом во тишина“ на еден од најпознатите и најпреведувани македонски поети во светот, Никола Маџиров.

Книгата, која е во издание на „Арс либрис“, дел од „Арс ламина – публикации“, ѝ припаѓа на едицијата македонски книжевни класици и на едно место ги собира сите есеи објавувани најчесто во превод, на други јазици, но не и на оригиналниот, на јазикот на којшто се напишани. „Дом во тишина“ е своевидно враќање дома на Маџиров, во својот јазик.

Книгата ја промовираа уредничката Оливера Ќорвезироска и авторот на поговорот Владимир Јанковски. Уредничката Ќорвезироска забележа дека пишувањето есеи за Маџиров е само една нова форма на пишување поезија.

Ќорвезироска истакна дека „Дом во тишина“ е многу значајна книга за современата македонска книжевност. Таа, како и претходната книга на Маџиров во „Арс Ламина“ – „Шестарот на времето“, го собира на едно место распрсканото од Маџиров. „Шестарот на времето“ ги собра сите негови песни, а во „Дом во тишина“ се најдоа сите негови есеи претходно публикувани во светот, на други јазици, но и сосема нови.

Изданието содржи триесетина есеи распоредени во три тематизирани циклуси именувани само со супстантивизирани придавки: Бездомни, Севремени и Епистоларни. Тоа што ја нема именката есеј во именувањето на циклусите е само уште една потврда за високо поетизираниот стил на Маџиров кога пишува и други нешта, не само поезија. Во своето обраќање Маџиров одговори на прашањето дали есејот е сенка на песната или обратно?

Промоцијата се одржа во книжарницата „Литература.мк“, во „Дајмонд мол“ во Скопје / Фотографија: Татјана Ранташа

– Во прашање е просторот. Есејот е како поле за фудбалска игра со избришани линии. Трчаш и не правиш прекршок. Секогаш кога пишувам есеј, го доживувам како трчање во недоглед. Поезијата, пак, е нешто подлабоко, трчање во длабочина. Во поезијата ме привлекува поливалентноста или повеќето вистини. Овде (во есејот), ме привлекува сомневањето во потрагата по вистините, и затоа сметам дека ако не постои сомневање, тогаш самата литература е сомнителна.

Пишувањето е потрага – да се најдат границите на јазикот и на тишината. Тишината не е отсуство на звук. Тоа го имам согледано слушајќи музика. Исто така, молкот не е неможност да се каже нешто без зборови. Есејот ме враќа на она отуѓување од веќе дефинираното, ме враќа да ја преиспитам секоја официјална вистина. Ова е и книга на благодарности, свесноста дека не почнало сè од нас и дека треба да бидеме благодарни на другите.

„Дом во тишина“ е книга што немаше да постои ако не беше гласноста на светот. Ако не беше идејата, поддршката и силата на Оливера Ќорвезироска, расфрлените зборови да се соберат во дом, кој, сигурно, пак ќе го напуштам. Оваа книга немаше да биде ако не беа разговорите за домовите и невдоменоста со Елизабета Шелева, ако не беа мислите и тишините на драгите пријатели при сите прошетки и битки…

Оваа книга немаше да постои ако не беа стиховите на моите драги учители на отсуствата и на сочувствата со раните на светот, ако не беа прогоните, клучевите и враќањата. Оваа книга немаше да постои без јазикот на тивкото детство, без заборавот и без кревката архитектура на осаменоста, без слободата на сомневањето кон секоја лесно понудена слобода. Оваа книга немаше да постои ако не беа мртвите што ми доаѓаат во сонот и живите што сонуваат за мирно будење – истакна Маџиров.

Книгата ја промовираа уредничката Оливера Ќорвезироска и авторот на поговорот Владимир Јанковски / Фотографија: Татјана Ранташа

Никола Маџиров (1973) е еден од најпознатите и најпреведувани поети од Македонија. Досега има објавено дузина книги на македонски јазик, вклучувајќи ги и изборите поезија, а уште толку има објавено во земјите во странство.

Покрај „Дом во тишина“, издавачката куќа „Арс ламина“ минатата година ги објави и неговата прва книга за деца „Рокчето“, со илустрации на Анета Илиевска (импринт „Либи“) и „Шестарот на времето“ („Арс либрис“), со неговото целокупно поетско творештво.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 270, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 1-2.3.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот