
Книга со собрана поезија од Игор Исаковски ќе биде промовирана на 55-тата годишнина од неговото раѓање
Во слава на поетот Игор Исаковски (1970-2014), на 55-годишнината од неговото раѓање, на 19 септември во кафе-книжарницата „Буква“, од 20 часот, ќе биде претставена книгата со неговата собрана поезија со наслов „Совршен поет“ во издание на „Или-Или“.
Препорачано
Книгата „Совршен поет“ има 700 страници собрана поезија на еден од најзначајните и најпознати современи македонски поети. Уредничка на ова издание е Елизабета Баковска, која напиша обемен поговорот за книгата.
– Препрочитувањето на поезијата на Игор за мене беше еден долготраен, тегобен и мачен, но едновремено и неверојатно просветлувачки процес, едно од оние животни искуства кои некако го менуваат човека. Читањето на овој обемен корпус стихови што се мрачни, љубовни, еротски, безобразни, сурови, цинични, алкохолизирани, повторливи, баладни, епски, сатирични, филозофски, осамени, гневни, возбудливи, ритмични, екстатични, телесни, отуѓени, бунтовни, помирливи, животворни, смртоповикувачки, разурнувачки, бесни, смирувачки, роморливи, обилни, но никако невпечатливи, рамнолиниски и занемарливи, беше едно повторно, длабоко медитативно соочување со она што за (во и од) Игор беше поезијата: „чувствено продирање низ суштината“ – меѓу другото, напиша Баковска во поговорот на книгата.
Вториот поговор на ова издание го напиша професорката и книжевна критичарка Елизабета Шелева.
– Никојпат не знаеме која песна ќе (ни) биде последна, заветна – и која песна (или книга) ќе ја втисне неизбежната есхатолошка точка на нечие творештво и, уште поважно, живот.
Кога станува збор за близок и драгоцен човек, одличен и посветен поет, бескомпромисен и огнен маж, граматиката одеднаш станува мошне сурова дисциплина. Како (одеднаш) да се говори за некого во минато време, како веќе еднаш да бил и никојпат повеќе нема да биде? Ова (студено граматичко време) особено паѓа тешко, кога тој исклучителен и редок човек заминал ненадејно, во својата полна животна и, уште повеќе, творечка сила, кога немал ниту едно бело влакно во бујната долга коса, ниту еден траг од толку блиската конечност… Оти премногу енергија, премногу супстанција, премногу живот, премногу „музики“, премногу прашања, што живот значат „полн сум сокови и стихови“ – му останале несподелени, недокажани, незаобиколни – да ги сподели со своите читатели-сојузници, од онаа страна на баналното, од онаа страна на рамнодушноста, од онаа страна на темницата и на небитието… напиша Шелева.
Фотографиите во книгата се на Сашо Димоски, дизајнот на корицата е на Марија Смилевска, а графичкото уредување на Светлана Кочовска-Стевовиќ, известија од „Или-Или“.