Фото: Jeppe Gustafsson / Shutterstock Editorial / Profimedia

Ќе сечеме ли потенки парчиња торта за родендените и за прославите? Слаткарите загрижени за цените на чоколадата

Обиколката на домашните маркети, откри дека некои увозни какаа драстично се поскапени, па така на рафтовите најскапиот бренд нуди 100 грамско пакување за неверојатни 169 денари! Македонците што докажано јадат најмногу благо во регионот, а се позиционирани високо и на европската листа

Домашните слаткари со загриженост го следат поскапувањето на цените на какаото, чоколадите, јаткастите плодови, јајцата и маслото за јадење. Дел од нив за „Слободен печат“ велат дека за претстојните празници, на граѓаните ќе им понудат торти, колачи и други слатки по стара цена, но по Нова година со сигурност ќе им ја кренат цената. Обиколката на домашните маркети, откри дека некои увозни какаа драстично се поскапени, па така на рафтовите најскапиот бренд нуди 100 грама какао за неверојатни 169 денари! Главно ваквите пакувања сега се продаваат од минималните 75 до максималните 109 денари.

И цената на чоколадото за готвење урива рекорди со 100 денари за 100 грама. Ова ќе биде голем удар за Македонците што докажано јадат најмногу благо во регионот, а се позиционирани високо и на европската листа. Според една неодамнешна анализа за потрошувачката на шеќер по земји во Европа што ја објави веб-страницата „Ландгеист“ заснована на податоци од Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО), Македонците годишно консумираат по 36,7 килограми шеќер, Хрватите се втори со 33,8, пред Грците со 31,6, Бугарите, 27,5, Србите 22,4 и Црногорците со 21,2 килограми.

Податоците на „Ландгеист“ не вклучуваат само суров шеќер, туку и количините во производите што содржат шеќер, што е основната состојка на сите слатки производи.
Во моментов нема голема разлика во цените од слаткарница до слаткарница, па така торта од дваесетина парчиња чини од 800 до 850 денари, додека оние поголемите од 30 парчиња се движат и до 1.400 денари.

Килограм ситни колачи се продава за 900 до 1.000 денари. Ако сакате посебни украси, тогаш тоа дополнително се наплатува. За некого е евтино, а за други скапо, но со цените на потребните состојки за една солидна торта, веќе не се исплатува дома да се прави. За вкусовите не се дискутира, но секогаш се популарни нугат тортата, чоколадната, милка, киндер, белата плазма, а малку поретки се овошните, велат слаткарите.

Нивната препорака е секогаш кога не знаете каква, нема утка со чоколадната торта, која им е омилена на сите. Според порталот Фактор, кумановската семејна компанија „Зафир“ е македонскиот господар на тортите.
Во изминативе години правењето торти и колачи по нарачка стана вистински бизнис, а слаткарите што ги прават, ја усовршија техниката до тој степен што едноставно не знаете дали десертот е повкусен или поубав.

– Засега нема да одиме со зголемување на цените на нашите производи, бидејќи имаме нешто суровини на залиха, но по Нова година цените ќе растат. Годинава двапати моравме да ги разочараме нашите клиенти со нови, зголемени цени, но нема да одиме со намалување на квалитетот. За жал, ќе посегнеме по крајно непопуларната мерка – намалување на персоналот, бидејќи во март нè чека и редовното зголемување на минималецот – вели за „Слободен печат“ еден познат слаткар од внатрешноста на земјата.

Сезоната 2024/25 започна со измешани чувства во врска со понудата на какао од најголемиот производител, Брегот на Слоновата Коска. Иако неделните испораки веќе се подобруваат и се над нивоата од претходната сезона, во ноември посведочивме на прогресивно зголемување на цените на какаото, објави Меѓународната организација за какао (ИЦЦО) во својот преглед на претпоследната месец од тековната година, пишува БТА.

– Од првата недела на ноември до крајот на месецот испораките се зголемени за 76 отсто за тековната сезона наспроти 66 отсто за истиот период лани претходната сезона. Во ноември цените во Лондон пораснаа за 33 отсто во споредба со 12 проценти за сезоната 2023/24. Во Њујорк во ноември 2024 година цените се зголемија за 26 отсто во споредба со 17 отсто една година порано – посочија од ИЦЦО.

Лани за увоз на какао сме потрошиле 4,7 милиони долари

За увоз на какао, лани во Македонија биле потрошени 4,74 милиони долари, а неговата продажба пораснала за 23 отсто во споредба со 2022 година. Според веб-страницата на „Тренд економи“, какаото во Македонија најмногу се увезува од Србија со учество од 27 отсто, потоа следува Шпанија со учество од 16,6 отсто, Холандија со учество од 16 отсто и Германија со учество од 13,7 отсто. Лани сме увезле какао и од Украина за 36,2 илјади долари.
Според Државниот завод за статистика, Македонците лани купиле 500 грама какао, 200 грама чоколадо за готвење, 2,8 килограми млечно чоколадо, 200 грамска бонбониера и 2,9 килограми млечен крем со чоколадо.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот