Ќе добиеме ли конечно професионални, наместо партиски директори и раководители?

Ќе се откажат ли конечно партиите од партискиот колач и меѓукоалициските пазарења со поделбата на директорските и раководните места во агенциите и претпријатијата по партиски клуч или конечно третиот ешалон на власта во институциите ќе почнат да го полнат професионалци? Министерството за информатичко општество и администрација неодамна го презентираше нацрт-законот за висока раководна служба, кој сега е поставен на ЕНЕР за јавно коментирање и предлози и се очекува да биде донесен до крајот на годината.

Министерот за администрација Азир Алиу вели дека принципите во законот  се основа за градење на професионална и политички неутрална администрација, каде политичките цели ќе се исполнуваат преку активности на вработените во јавниот сектор, под раководство на високите раководители, што ќе овозможи ефикасност и рационална употреба на ресурсите во остварувањето на поставените стратешки приоритети на Владата.

Алиу: За поефикасни политики за граѓните

Според Алиу, професионализацијата на структурата значи дека ќе ги имаме најдобрите високи раководители кои можат да имплементираат поуспешни, поефикасни политики за граѓаните, а предложениот модел се заснова на начелата на рационалност, демократичност и транспарентност.

– Со Законот за административни службеници беше направен првиот чекор кон професионализација на извршните раководители во административната служба.  Со ова законско решение сакавме да направиме исчекор во делот на избор на високите раководни лица. Во овој момент тоа се државните секретари, директорите на органите во состав на министерствата, управните организации и директорите на самостојните органи основани со посебен закон – рече министерот Алиу на презентацијата на законот.

Во тек е и оптимизација на јавниот сектор, додаде тој, што ќе значи намалување на бројот на високи раководни места, а истовремено и воспоставување на линии на отчетност на високите раководители.

За генералниот секретар на Владата Методија Димовски, клучната порака со овој закон е да се затвори приказната дека има политичко управување со администрацијата.

– Целата техникалија на нивен избор, усовршување, оценување итн. не е ништо ново, практично ја следиме добрата пракса што многу одамна ја воспоставивме со државната служба. Значи, постапката за селекција прилично е идентична со изборот на државните службеници. Оценувањето е модификација на системот на оценување на државните службеници – посочи Димовски.

Поповиќ: Важно е да се донесе, ама и да се имплементира

Според експертите, нема гаранција дека овој закон ќе ја затвори приказната за партиските делби на директори. Миша Поповиќ од Институтот за демократоја „Социетас цивилис“ за „Слободен печат“ вели дека клучно и за овој, како и за другите закони е неговата имплементација.

– Ние како држава сега сме исправени пред два предизвици кога е релевантно кој раководи со државните институции, установи и јавни претпријатија. Првиот е дека живееме во непредвидливо време со испреплетени комплексни кризи, енергетстска, економска, безбедносна, климатска, и има потреба институците да бидат отпорни и подготвени, да се прилагодат и да им испорачуваат на граѓаните добро владеење во неповолни услови. За тоа е потребна служба на оперативно ниво, трет ешалон на власта, кој ќе биде професионален, поставен на база на искуство и знаење, а не врз база на партиската припадност. Од друга страна, како членка на НАТО и земја што преговара со ЕУ, потребно е да испорачаме и на нашите меѓународни партнери, во смисла дека сме се обиделе како општество да ги најдеме најквалитетните луѓе и да ги поставиме на тие места затоа што сега имаме поширока одговорност – вели Поповиќ за „Слободен печат“.

Според него, потребна е една посилна трансформација во смисла да се носат квалитетни одлуки кои се ослободени од влијанија, а базирани на стратегија, визија и анализа, не само од политичкото ниво, туку и од оперативно ниво.

– Сакаме да го придвижиме процесот, овој закон долго време не се носи. Тој е една алатките што може да придонесе да се врати довербата во процесот на именувањата. Сега оние квалитетни кадри кои се надвор или внатре во инстуциите немаат доверба дека ќе имаат шанса да бидат избрани и именувани во една фер и транспарентна постапка – вели Поповиќ.

На промоцијата на решението критика упатија членовите на Антикорупциската комисија Нури Бајрами и Катица Николовска, кои реагираа дека предолго време се одолговлекува носењето на овој закон. Бајрами изрази сомнеж дека дека законот може да се изгласа затоа што на истиот се работи веќе четири години и уште не е готов.

– Јас се приклучив кон крајот на првата верзија, мај-јуни 2019 година. Тогаш беше многу блиску до решение кое според мене беше солидно и сега се чудам зошто толку долго се одложуваше и не беше направен рез, барем за почеток, оти теоретски никогаш не можеме да процениме колку тој закон би бил успешен. Не сум за брзи решенија, но вака одолговлекувањето ми остава впечаток дека нема да се одобри – рече Бајрами.

Изборот на раководители ќе го вршат комисии

Во последните пет години се сменети четири министри во МИОА. Пред Азир Алиу беа Адмирим Алити, Јетон Шаќири и Дамјан Манчевски и ниту еден не успеа да го донесе законот. Предлог-законот првично беше доставен до Собранието во 2019 година и помина на прво читање, но во 2020 година МИОА побара да се врати за да се усогласи со законите за административни службеници и за вработување во јавниот сектор. Јавна тајна е дека овој закон се кочи заради партиските интереси да ставаат партиски подобни лица на виски раководни положби во институциите, односно, како што лани рече и ексминистерот Алити, „усогласувањето на законот со политичките чинители оди бавно затоа што високите раководни позиции се главниот плен кој го добиваат партиите при поделбата на власта“.

И во самата потреба за носење на овој закон е наведено дека во македонското законодавство нема јасно разграничување меѓу политичкото и професионалното ниво, односно не е јасно дефиниран и утврден опфатот за висока раководна служба.

Според законот, за висок раководител може да биде избрано лице кое има македонско државјанство, високо образование, најмалку шест години работно искуство од кои најмалку две на раководно работно место, на кое не му е изречена казна затвор или забрана за вршење професија, поседува меѓународно признат сертификат за англиски, француски или германски јазик итн. Владата ќе формира Комисија за висока раководна служба која ќе биде постојана , со пет члена со мандат од пет години. Најмалку шест месеци пред истекот на мандатот на високиот раководител, функционерот од институцијата треба да достави  барање до Комисијата за висока раководна служба за пополнување на раководното место. Владата и институцијата распишуваат оглас, а постапката за избор на високи раководители се состои од три задолжителни фази: административна селекција, тестирање и структурирано интервју. Овие фази ги врши комисија за селекција на кандидатите, која ја формира Комисијата за ВРС.

По трите фази, комисијата за селекција подготвува конечна ранг листа со најмногу три кандидати, со поединечно мислење за секој кандидат и извештај за спроведената селекција. Оваа ранг-листа ја презема Комисијата за ВРС и веднаш ја испраќа до функционерот. Одлуката за назначување на висок раководител ја донесува функционерот, со образложение.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот