Кинескиот претседател предупреди на нова Студена војна
Кинескиот претседател Си Џинпинг денеска предупреди на „нова студена војна” што само може да доведе до „ќорсокак”, при обраќањето преку видео конференција на Светскиот економски форум во Давос.
Без да ги именува САД, Си застана во одбрана на мултилатерализмот и глобализацијата, исто како и пред четири години на форумот во Давос по пристигнувањето на Доналд Трамп во Белата куќа.
По помалку од една недела откако Џо Бајден стана претседател на САД, Си Џинпинг, се чини, испрати предупредување во однос на продолжување на американската политика кон Кина, која стана нејзин ривал број еден, особено во областа на трговијата и технологијата.
– Градење кланови или започнување на нова Студена војна, отфрлање, заканување или заплашување, наметнување раздвојувања, намалување на снабдувачки синџири или санкции за да се предизвика изолација само ќе го турка светот во поделби, па дури и конфронтација. А конфронтацијата ќе не доведе до ќорсокак”, предупреди Си Џинпинг.
Извор:МИА