
Кеш или картичка: Како да платите низ цела ЕУ?
Додека употребата на готовина постепено се намалува низ цела Европа, повеќе од половина од сите плаќања сè уште се вршат со банкноти. Сепак, нивниот удел е значително помал кога се гледа вкупната вредност на трансакциите. Сè поголем број Европејци преминуваат на дигитални плаќања, но готовината сè уште има важна економска и социјална улога.
Препорачано
Според анкетата на Европската централна банка (ЕЦБ), спроведена во 2024 година на примерок од 40.000 испитаници, 52 проценти од сите трансакции во земјите од еврозоната биле извршени во готово, додека уделот по вредност бил 39 проценти. Во 14 од 20-те земји од еврозоната, готовината е сè уште најчестиот метод на плаќање – во просек помеѓу 45 и 55 проценти од сите трансакции- објави Независне.ком.
ЕЦБ наведува дека готовината најчесто се користи за помали износи, додека картичките ја преземаат доминацијата за плаќања над 50 евра. Кога испитаниците одговорија зошто сè уште користат готовина, 41% од нив истакнаа дека таа ја штити приватноста и анонимноста, 35% сметаат дека помага во контролата на трошењето, а 30% дека трансакциите се извршуваат веднаш. Други 28% користат готовина затоа што е пошироко прифатена, а еден од петмина велат дека е полесна или побрза за употреба. Само 18% од испитаниците го сметаат за побезбедно од дигиталните методи.
Разликите се изразени и според возрасните групи – потрошувачите под 40 години користат готовина во помалку од половина од своите трансакции, додека луѓето над 65 години сè уште вршат повеќе од половина од своите плаќања со банкноти. Резултатите покажуваат дека, и покрај дигитализацијата, готовината во Европа сè уште има силна симболична и практична вредност, особено во јужните и источните делови на континентот.