Ќе им ги замрсат ли сметките „помалите“ партии и граѓанските здруженија на „големите“ за локалните избори­?

Скопје / Фото: ЕРА EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

На повидок е широк граѓански фронт кој ќе настапи на локaлните избори. Целта на новата Граѓанска коалиција е да им се спротивстави на големите играчи на локалните избори СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

„Слободен печат“ дознава дека во тек се преговори меѓу помалите партии ЛДП, ДОМ и ДС со некои граѓанските здруженија O2 Иницијатива, Платформата „Здравје пред профит во Центар, „Зелен хуман град“ и други активисти кои се борат против отворање на рудниците во источна Македонија.

Извори од граѓанските еко сектор потврдија дека имаат намера да учествуваат на локалните избори. Од таму велат дека со иста мисла биле и граѓанската иницијатива „Здравје пред профит во Центар“, „Зелен хуман град“ кој претствува здружена иницијатива на 12 организации и активистички групи од Скопје и други.

За заедничка граѓанска коалиција се разговарало и со активистите кои се борат против рудниците во Струмица, Ново Село итн.

– Обврската е голема, но сметаме дека општеството е веќе зрело и за вакви кандидатури. Граѓаните од нас бараат да учествуваме на локалните избори за да имаат избор за нова многу поразлична опција од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Сериозно размислуваме за нашиот настап бидејќи не сме задоволни од работата на партиските советници и градоначалници. Искуството сите овие години наназад не научи дека која паритија да го има мнозинство во Советот, не ги застапува интересите на граѓаните, туку на своите матични партии. Зошто да не се бориме за интересите на граѓаните, велат наши извори од граѓанските здруженија.

Од таму како пример, дека граѓанските активисти како единки не можат многу да направат сами, ја посочуваат Јана Белчева-Андреевска од Платформата „Здравје пред профит во Центар“ која на минатите локални избори влезе во Советот на општина Центар. Белчевска – Андреевска си поднесе оставка од функцијата претседателка на Советот. Таа тогаш на својот фб профил напиша дека „не сака да биде во мнозинство кое лесно се приклонува калкулирајќи со личен бенефит или конфор“.

И потпретседателката Моника Зајкова од ЛДП за „Слободен печат“ потврди дека партијата веќе донела одлука на локалните избори да настапи заедно со граѓански здруженија и други помали партии.

– ЛДП на седница на Централниот одбор ја потврди одлуката за настап во Граѓанска коалиција од Центарот. Преговараме за формирање на Коалиција со партии кои имаат сродна политичка програма со ЛДП, и кои ги негуваат демократските вредности во земјава, но и со граѓански здруженија и граѓански активисти. Целта ни е на граѓаните да им понудиме еден модерен граѓански концепт. Ние сме отворени да ги слушнеме мислењата и препораките на граѓаните во однос на нивните локални проблеми. Рано е да зборуваме за кандидатите за градоначалници и за советничките листи, вели Зајкова.

И претседателката на ДОМ Маја Морачанин потврди дека во тек се разговори за заедничка Коалиција со ДС и ЛДП и со граѓански организации.

-Преговорите се во тек и со партиите и со граѓанските здруженија и активисти, но се уште е рано за одлука. Со заедничкиот настап целтта ни е да постигнеме поголема видливост и имплементација и на нашите политики за кои се залагаме. Ние како зелена партија се интресираме за човекови права, борба против корупција, здрава околина. Нормално е секоја партија да настапи самостојно и да ги промовира своите заложби, вели Морачанин. Од друга страна пак партиските каравани на големите партии веќе наголемо се на терен. И од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ велат дека се среќаваат со граѓаните бидејќи сакаат да слушнат за нивните потреби. Се уште официјално не ги откриваат своите адути за кандидати за градоначалници и за советници, но потврдуваат дека биткате ќе се води за Скопје, но и за секое друго населено место. Неодамна лидерот на Социјалдемократите Зоран Заев рече дека Петре Шилегов е фаворит на СДСМ за Скопје на претстојните локални избори.

Шилегов пак порача дека во план му е повторно да се кандидира за градоначалник на метрополата. Партиската портпаролка Богданка Кузевска вели дека се уште е во тек самокандидирањето на градоначллници и на советници за листите.

-Партијата согласно внатрешните начини кои ги имаме за мерења како што е мерит системот, но и со дополнителни анализи и анкети помеѓу членството и граѓаните ќе го направи филтерот за можните кандидати за градоначалници и советници на локалните избори. СДСМ и овојпат ќе излезе со чесна понуда пред граѓаните со најдоброто за секоја општина. СДСМ ќе биде гарантот дека ветеното како дел од програмата што ќе настапиме пред граѓаните, ќе се реализира, вели портпаролкатана Кузевска.

Се шпекулира дека противкандидатот на Шилегов од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, најверојатно ќе биде поранешниот градоначалник на Скопје Коце Трајановски.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски за „Слободен печат“ вели дека партијата е во фаза на анализи и мерења на потенцијалните кандидати за потоа партиските тела да можат да ги изберат најдобрите.

– Кандидатите од ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат чесни, вредни и почитувани луѓе во својата средина, кои својата работа ќе ја базираат на визија, чесност и работливост. Она кое што можам да го потенцирам е дека тоа ќе бидат кандидати кои во октомври ќе бидат градоначалници и ќе извојуваат силни победи врз криминалот, неработливоста и нечесноста на кандидатите на СДСМ, вели Арсовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот