Ќе го снема ли коронавирусот со доаѓање на пролетта? Еве што велат лекарите

Фото: EPA-EFE/XIONG QI

Се смета дека хуманите коронавируси можат да опстанат на инертна површина на собна температура до 9 дена, додека ако е на повисока температура, побрзо се уништуваат вирусните честички.

Новиот коронавирус е чувствителен на високи температури, односно доколку температурата во средината во која се наоѓа е повисока, тој побрзо умира, нo сепак со сигурност не може да се каже дека неговата активност ќе се намали со доаѓање на пролетта како што е тоа случај со вирусот на грип. Во јавноста се поставува и прашањето дали тестовите за  откривање на новиот вирус може да бидат и лажно негативни, со оглед на тоа што многу од оние што се прават на сомнителните пациенти кај нас се негативни.

– Станува збор за нов вирус кој првпат се јавува и се шири меѓу луѓето и со сигурност не може да се предвиди неговото однесување во однос на сезоната – велат од Комисијата за заразни заболувања.

Според она што се дискутира во реномираните здравствени институции во светот, постои одредена претпоставка дека повисоките температури на воздухот на новиот вирус може да влијаат исто како и на другите вируси, на пример, сезонскиот грип или птичјиот грип, кои поактивно се шират во текот на постудените месеци, а со доаѓање на пролетта нивната активност се намалува.

Се смета дека хуманите коронавируси можат да опстанат на инертна површина на собна температура до 9 дена, додека ако е на повисока температура, побрзо се уништуваат вирусните честички. Затоа се препорачува да се кашла и кива во марамче или ракав за да не се контаминираат маси, телефони, кваки, штекери, тоалети, компјутери и сл. и се препорачува често чистење (со вода и детерегент или со 70% алкохол) на контаминираните површини.

Може ли резултатот од лабораториските испитувања на вирусот да се лажно негативни?

Времето на инкубација  на коронавирусот т.е. времето од моментот на контакт на едно лице со вирусот до појавата на симптомите е од 2 до 14 дена.

– Тестовите со кои располага лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика се тестови кои ги препорачува СЗО. Скрининг тестот има осетливост од 5.2 копии на вирусната РНК во реакција. Првиот тест за конфирмација (потврда) има осетливост од 3.8 копии на вирусната РНК во реакција, додека вториот тест за конфирмација е со осетливост од  8.3 копии на вирусната РНК во реакција. Тоа значи дека ако има само 8.3 копии од ДНК на вирусот тестот може да го детекира – објаснуваат од Комисијата.

Примерок за микробиолошка анализа се зема само од лице кое има развиено симптоми на инфекција кои се карактеристични за новиот корона вирус (висока температура, сува кашлица, тешко дишење) и кој пациент одговара на дефиницијата на случај на СЗО која е прифатена и кај нас.

– Кај лицата кои одговараат на дефиницијата на случај се очекува дека во земениот примерок за анализа ќе се детектира присуството на вирусната нуклеинска киселина, а со тоа ќе се потврди и инфекцијата. За секој пациент се препорачуваат два примерока и тоа еден од горнореспираторен тракт (назофарингеален брис)  и еден од долнореспираторен тракт (на пример бронхоалвеоларна лаважа, или ендотрахеален аспират) – објаснуваат од Комисијата.

Оттаму велат и дека како и при секој вид на лабораториско испитување така и при ова,  постои можност да се добијат лажно негативни резултати.

– Причините за тоа се многу. Најчесто е несоодветно земен примерок за анализа, несоодветно чување на примерокот и транспортирање до лабораторијата, но постојат и други причини како што се присуство на  суспстанции од самиот примерок кои вршат инхибиција на реакцијата, некомпетентност на персоналот, несоодветен протокол за работа, несоодветни реагенси, несоодветно чување на реагенсите, непочитување на мерките на безбедност при  манупулација со примерокот, и секако виремијата т.е. количеството на вирусни честички во примерокот од пациентот, и стадиумот од болеста –  велат од Комисијата.

Како што постои можност за лажно негативен, така постои можност и за лажно позитивен резултат.

Во процесот на лабораториското тестирање  се вклучуваат неколку контролни механизми кои треба да укажат дали евентуално се работи за лажно негативен т.е лажно  позитивен резултат.

– Ако се утврди состојба на евентуално лажно негативен/ лажно позитивен резултат тестирањето се повторува  со претходно превземени мерки за надминување на евентуалниот проблем за кој постои сомневање дека е причина за настанатата ситуација. Дополнително, микробиологот е во тесна консултација со клиничарот кој го води пациентот и се препорачува земање на уште еден примерок за анализа. Сите досегашни резултатите од тестирањето за COVID-19, негативните и еден позитивен, од нашата лабораторија беа потврдени од референтната лабораторија во Берлин – порачуваат од Министерството за здравство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот