
Касами: Сите повици за казни и линч се неразумни, иконаграфија како таа за време на посетата на Курти ја имало и претходно
Претседателот на БЕСА и градоначалник на Општина Тетово Билал Касами на прес конференција која ја одржа во седиштето на партијата, изјави дека сите повици за казни и линч деновиве биле неразумни, иконаграфија како таа за време на посетата на Курти ја имало и претходно. Албанската опозиција се окрупнува, а сето тоа на некого му пречи, особено пред претстојните избори.
Препорачано
„Сите линчови и повици за казни за тој настан се неразумни и сметам дека се во контекст на брзите редовните избори, а се надеваме, но и ние работиме да бидат предвремени. Сето ова се прави увидувајќи дека Албанската опозиција се окрупнува, а тоа постојано беше и повик на Али Ахмети, кој цело време апелираше ајде да има окрупнување на опозицијата и да одиме на избори. Ние сме тука, се окрупнувме и ајде на избори. Оваа иконогафија не е за прв пат. Мене откако ми пратија покана за во полиција, пријатели и активисти ми пуштија иста иконографија каде на никому не му дојде на памет да повика некого да казнува, рече Билал Касами.
Касами одржа прес конференција на тема Модуларна болнница за чиј случај денес пред Основниот суд во Тетово, се собраа граѓани и група активисти, барајќи да се судат и казнат вистинските виновници и политичари за трагедијата со модуларната болница. Касами посочи дека изгубените животи во модуларната болница во Тетово и членовите на нивните семејства трипати биле убиени од неправдите и скандалозните одлуки на овој систем, кој сам никогаш како што рече не донел правда.
„Првиот пат беа убиени затоа што ги криеја вистинските виновници за овој случајот. Вториот пат беа убиени затоа што политичката и корумпирана правда ги казнуваше оние кои би можеле да бидат најмалку одговорни во овој случај. Третиот пат ги убивте кога Министерството за здравство на чело со Фатмир Меџити и предложи на Владата да ги исплатат преостанатите финансиски средства на главниот виновник, компанијата „БРАКО„ која наместо да биде казнета, беше наградена со народни пари“, изјави Касами.
Касами побара итна одговорност од Јавното обвинителство, зошто никогаш во судската постапка не биле земени во предвид наодите и истрагите од извештајот на форензичкиот тим на германски експерти и наодите на електроинженерот од овој случај.
„Кабелот се запали поради немање соодветна и правилна инсталација, која ја изведе компанијата БРАКО и дека причината за Модуларната болница која се запали и изгоре во рекордно време е затоа што конструкцијата и материјалот од кои е направена, беа несоодветни и со лош квалитет. Јавно ги прашуваме обвинителите на овој случај, на чело со поранешниот прв главен обвинител Јовески и неговиот наследник Јосифоска, зошто за време на судењето за овој случај никогаш не биле земени во предвид извештаите и контактите на германскиот тим за судска медицина, а во исто време и на електроинженерот, кој како основа во своите извештаи ги посочуваат вистинските и главните виновници за оваа трагедија, а тоа е фирмата на поранешниот вицепремиер Анѓушев, за несоодветната работа извршена според тендерските спецификации на предметната модуларна болница“, рече Касами
Тој посочи дека нарачател на оваа модуларна болница е Владата, поточно Министерството за здравство на чело со Венко Филипче и градителот на проектот, а тоа како што рече е фирма на поранешниот вицепремиер Анѓушев.