Фото: Oпштина Tетово

Касами и Курти од Вејце се заложија за побрза изградба на делницата од Тетово до Призрен, но по пат се соочија со катастрофални патишта

Градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами заедно со неговиот гостин косовскиот премиер Албин Курти, по получасовната средба во зградата на Општина Тетово се упатија кон Шарпланинското село Вејце оддалечено на околу 10 километри од Тетово.

Фото: Слободен печат

Двајцата ја промовираа идејата за поврзување на шарпланинските села со патот Тетово-Призрен, инфраструктурен проект кој и по две децении стои како идеја, но на терен нема никакви реализирани активности.

Презентираа идеја за голем капитален проект, но по пат се соочија со уништена патна инфраструктура, додека поминуваа низ селата.

Фото: Слободен печат
Фото: Слободен печат

Патот кон планинските села е во руинирана состојба, но и во самите села улиците се претесни, а коловозите преполни со дупки. Општината засега има асфалтирано неколку километри, но останатито дел од патот е руиниран, а неколку километри се очекува да се асфалтираат.

Градоначалникот на Тетово Билал Касами рече дека општината работи во рамки на своите можности и започнала да го асфалтира дел од патот Селце-Вејце.

„Ја охрабруваме владата што поскоро да започне со реализација на проектот патот „Тетово- Призрен“, во спротивно општината со свои средства ќе започне да ја гради оваа делница. Ако владата нема интерес да се реализира патот Тетово-Призрен согласно договорот и студијата, ние како локална власт во рамки на нашите можности и надлежности нема да стоиме со скрстени раце туку ќе работиме како што веќе инвестиравме на овој важен дел од 7 километри на патот од Селце до Вејце,“ изјави градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами.

Премиерот на Косово Албин Курти рече дека за патот трошоците нема да бидат многу големи, но ќе има голем поврат на инвестицијата оти патувањето многу ќе се скрати.

„Инаку моите согледувања се дека и градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами и градоначалникот на Призрен многу се залагаат овој патен правец да се изгради.Економскиот развој и развојот на инфраструктурата не треба да биде резервирана само за урбаните зони и за градовите, туку треба да биде и за во селата. Ова го правиме во Косово и гледам дека ова се прави и во нашата соседна земја, во Северна Македонија, во ценетата Општина Тетово. Сме кажале неколку пати дека од небо се гледа дека Тетово и Призрен биле еден град, но кога Господ ги симнал на земјата, Шар планина ги поделила и ги направила два града. Патот што ги поврзува Призрен и Тетово е договор помеѓу нашите две земји од заедничкиот состанок потпишан од страна на двајцата премиери, односно од мене и од мојот македонски колега, господинот Ковачевски. Се согласивме и со поранешниот премиеро, Зоран Заев, и со сегашниот премиерот Димитар Ковачевски за што побрзо поврзување на овој планински пат“ рече косовскиот премиер Албин Курти.

На настанот се обрати и заменик министер за инфраструктура на Косово, Хисен Дурмиши.

„Покрај физибилити студијата формиравме и две заеднички комисии помеѓу двете држави со коишто ја одбравме варијантата со најдолгиот тунел со 6,4 километри со цел овој пат да може да функционира и во тешките зимски услови кога има големи врнежи од снег.Ние во Косово сме го подготвиле и главниот проект од излезот на тунелот се до вклучувањето кон автопатот „Ибрахим Ругова“, пат од 22 километри, со тоа што кога ќе се изградат тунелот и патот да не се оптовари влезот во градот Призрен за жителите од Тетово, Гостивар и другите градови кои ќе го користат овој пат. Овој е пат е од големо значење и за развојот на туризмот, но и за зближувањето на двата града, Призрен и Тетово, како и за економскиот развој за овие градови затоа што се крати патот во голема мера“, изјави заменик министер за инфраструктура на Косово, Хисен Дурмиши.

Пред влезот на Тетово косовскиот премиер Албин Курти беше пречекан само на албански јазик со пораката „Добредојдовте во Тетово премиере“ испишана на платно и закачена на надвозник, а во градот истата порака ја има на билборди.

Фото: Слободен печат

Курти кон шарпланинските села по пат пат беше поздравен со декорација од знамиња, но никаде го немаше македонското знаме. Преовладуваа албанското знаме, знамето на Косово, знамето на Општина Тетово, како и по некое знаме на САД.

Курти и Касами го придружуваа Изет Меџити претседалот на новото политичко движење кое произлезе од огнената група на ДУИ како и претседателот на Алтернатива Африм Гаши, што личеше повеќе како промовирање на албанската опозиција во Македонија отколку промовирање на пат.

Фото: Oпштина Tетово

Од Вејце Курти со општинската делегација се симна во Тетово каде на градскиот плоштад во 20.30 часот во негова чест ќе биде одржан концерт, откако заедно со неговиот домаќин Касами ќе се обратат пред јавноста.

Премиерот на Косово, Албин Курти денеска присуствуваше и на преименувањето на улицата „Втора македонска бригада“ во „Адем Демачи“ во општина Чаир.

Во обраќањето, Курти рече дека пред две недели е одбележана петгодишнината од смртта на Демачи и оцени дека е од особено значење тоа што Демачи ќе има своја улица во Северна Македонија.

На настанот присуствуваа и градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, како и претседателите на движењето Беса, Билал Касами, на Алтернатива, Африм Гаши како и Изет Меџити.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот