Карпош ќе додели по 500 000 денари за Турција и Сирија, а советниците и Јакимовски по 10 отсто од своите плати

Советот на Општина Карпош едногласно донесе одлука да се доделат  по 500.000 денари за населението погодено од катастрофалниот земјотрес во Турција и Сирија Покрај тоа, сите советници одлучија да издвојат по 10 отсто од својот паушал, како и градоначалникот од својата плата.

Овие одлуки беа донесени на денешната вонредна седница свикана на барање на советничката група Левица, едногласно поддржана од сите советнички групи, со цел да се испрати помош на настраданите во Турција и во Сирија. Во исто време солидарност покажаа и вработените во општина Карпош, кои што ќе издвојат дел од својата плата.

 Овие средства ќе бидат уплатени на посебна жиро сметка за солидарен фонд и во исто време ги повикуваме и правиме иницијатива до сите физички и правни лица на територија на општина Карпош да донираат средства на оваа отворена сметка се со цел да помогнеме на настраданите од катастрофалниот земјотрес во Турција и во Сирија, изјави градоначалникот Стевчо Јакимовски по завршувањето на вонредната седница.

Јакимовски потенцираше дека Карпош е подигнат од светската солидарност по катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година и во исто време упати апел до светските лидер да се отстрани блокадата за хуманитарна помош кон Сирија за да може да се испрати помош до настраданите.

 Карпош не заборава дека е подигнат и се развивал на светската солидарност во којшто сите бараки и сите руски згради, поликлиниката Букурешт, и други објекти се изградени од средствата на светската солидарност. Во исто време сакам да упатам апел до сите земји во светот да се тргне блокадата за хуманитарна помош кон Арапската Република Сирија. Режимот во Сирија е едно, страдањата и маките на граѓаните, на дечињата во Сирија се нешто сосема друго. Треба да бидат изземени од санкциите. Инсистираме да се овозможи оваа хуманитарна помош и за Арапската Република Сирија затоа што во вакви катастрофални состојби светската солидарност треба да биде на висина – нагласи Јакимовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот