Кариера или семејство – најголемиот предизвик за Јужнокорејките

Јужнокорејки / Фото EPA-EFE/JEON HEON-KYUN

Јужна Кореја има најниска стапка на наталитет во светот и таа продолжува да опаѓа, соборувајќи го сопствениот неверојатно низок рекорд од година во година. Бројките кои неодамна беа објавени покажуваат дека стапката на наталитет паднала за уште 8% во 2023 година на 0,72.

Ова се однесува на бројот на деца што се очекува да ги има жената во текот на нејзиниот живот. За населението да остане стабилно, тој број треба да биде 2,1. Ако овој тренд продолжи, се проценува дека населението на Јужна Кореја ќе се преполови до 2100 година, пренесува Би-Би-Си.

На глобално ниво, развиените земји бележат пад на наталитетот, но ниту една на таков екстремен начин како Јужна Кореја. Нејзините проекции се мрачни.

За 50 години, бројот на работоспособни луѓе ќе се преполови, фондот со право на учество во задолжителната воена служба во земјата ќе се намали за 58%, а речиси половина од населението ќе биде постаро од 65 години.

Ова е толку лошо за економијата на земјата, за пензиите и безбедноста што политичарите го прогласија за „национална вонредна состојба“. Речиси 20 години, последователните влади фрлаа големи суми пари за проблемот, поточно 379,8 трилиони јужнокорејски вони (286 милијарди американски долари).

Паровите кои имаат деца добиваат различни бенефиции, од месечни средства до субвенционирани станови и бесплатни такси превози. Болничките сметки, па дури и третманите се покриени од државата, иако само за оние кои се во брак.

Ваквите финансиски стимулации не дале подобри резултати, што ги натерало политичарите да размислуваат за по „креативни“ решенија, како вработување дадилки од Југоисточна Азија на плата помала од минималната и ослободување на мажите од служење воена рок доколку имаат три деца пред да наполнат 30 години.

Сосема очекувано, креаторите на политиката беа обвинети дека не ги слушаат младите луѓе – особено жените – за нивните потреби.

Јужнокорејките се најобразованите жени од оние во земјите на ОЕЦД, а сепак земјата има најлош јаз во платите меѓу половите, а бројот на невработени жени е многу поголем отколку оној на мажите.

Истражувачите велат дека ова е доказ дека на жените им се претставува еден вид на услов, или да имаат кариера или да имаат семејство, а тие сè почесто ја избираат кариерата.

Повеќе од половина од населението живее во или околу главниот град Сеул, каде што има и најмногу можности за работа, што создава огромен притисок врз становите и ресурсите. Стапката на наталитет во Сеул падна на 0,55 – најниска во земјата.

Голема причина за ова е и цената на приватното образование. Иако недостапното домување е проблем ширум светот, тоа е она што ја прави Јужна Кореја навистина уникатна. Од четиригодишна возраст, децата се испраќаат на низа скапи воннаставни часови – од математика и англиски, до музика и таеквондо.

Практиката е толку широко распространета што да се откажете се смета дека сакате вашето дете да не успее, незамислив поим во хиперконкурентната Јужна Кореја. Ова ја направи најскапата земја во светот за одгледување на деца. Една студија од 2022 година покажа дека само 2% од родителите не платиле за приватна школарина, додека 94% рекле дека тоа е финансиски товар.

Истополовите бракови се нелегални во Јужна Кореја, а на немажените жени генерално не им е дозволено да користат донатори на сперма за да забременат. Но, се чини дека политичарите можеби полека ја прифаќаат длабочината и сложеноста на кризата.

Овој месец, јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол призна дека обидите за излез од проблемот „не успеале“ и дека Јужна Кореја е „претерано и непотребно конкурентна“. Тој рече дека неговата влада сега ќе го третира нискиот наталитет како „структурен проблем“ – иако како тоа ќе се претвори во политика допрва треба да се види.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот