Камерниот оркестар во Битола одбележа десет години од возобновувањето

Фото: Центар за култура

Камерниот оркестар на Битола, во Центарот за култура, со целовечерен концерт ја одбележа десетгодишнината од возобновувањето на оркестарот.

Камерниот оркестар кој постои повеќе од четири децении, на почетокот бил воден од професорите Кирил Петков и Зоран Маневски, и бил составен од музичари, ентузијасти коишто ја негувале љубовта кон музиката и успеале да го формираат оркестарот којшто полека развивајќи се низ годините, денес е веќе многу добро познат бренд низ целиот Балкан. По неколку години пауза, во 2013 година се роди идејата за возобновување, популаризација и доближување на оркестарот до пошироката публика, која се реализира од диригентот, виолист и аранжер Владимир Димовски и виолинистот и професор во Средното музичко училиште во Битола, Никола Трајановски.

На 4 јули 2013 Камерниот оркестар на Битола го одржа својот прв концерт „За моја Битола“ во Пациото на музејот во Битола на којшто се изведоа најубавите староградски битолски песни, а гости беа повеќе македонски изведувачи.

Од минатата недела Камерниот оркестар и официјално почнува да функционира како национална институција.

Градоначалникот на општина Битола, честитајќи им го јубилејот изјави:

„Честитки за овој ваш јубилеј. Благодарам пред сè за поканата да бидеме гости и да го збогатиме овој ваш јубилеј. Благодарам на сите овие млади момци, а и тебе Владимир за сето она што го правите за промоцијата на Битола, а Битола и општината се тука да ви заблагодарат и да ве поддржат понатаму. Вие сте наша гордост, гордост на битолчани. Ви благодарам и ви посакувам уште многу, многу години успех“, рече градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски.

„Благодарен сум им на сите членови на Камерниот Оркестар кои придонесоа за неговиот успех, и неговото прераснување во познат македонски бренд. Низ овие 10 години, Камерниот оркестар имал голем број на концерти и концертни настапи во Македонија и на Балканот, и можеби следниве информации нема да звучат скромно, но фактите се тие и ние сме горди на нив – имаме реализирано над 140 концерти, од кои повеќе од 10 биле низ Балканот на најголемите фестивали, па се до Прага минатата година. На истите присуствувале над 200 илјади публика. Периодот со КОВИД-19 беше единствената година во која бевме спречени да направиме повеќе концерти, но сепак среќни сме што и тогаш одржавме неколку концерти. Да се почне од почеток и со ограничени финансии е тешко, сите тоа го знаеме, па затоа јас исто би им се заблагодарил и на сите поддржувачи изминатите години кои несебично ни помогнале, дали финансиски, или на некој друг начин да стигнеме до ова што сме денес, изјави раководителот на Камерниот оркестар Владимир Димовски.

На концертот во чест на јубилејот Камерниот оркестар изведе сплет од 3 песни за Битола, во аранжман на Владимир Димовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот