Како руските шпиони дошле до разговорот на германскиот генерал?

Руски шпиони / Фото: - / Panthermedia / Profimedia

Германија истражува како Русија дошла до 38-минутна снимка од конференциски повик на високи германски воени претставници за оружјето за Украина. Маргарита Симонјан, новинарка на руската државна телевизија и водителка на Раша Тудеј, прва ја објави аудио снимката, која беше објавена и на нејзиниот Телеграм.

Учесниците на повикот разговарале за можната испорака на крстосувачки ракети „Таурус“ во Киев, што канцеларот Олаф Шолц дотогаш јавно одлучно го одбивал. Зборувале и за обука на украинските војници и можни воени цели.

Во Сингапур било речиси полноќ. Висок офицер на Луфтвафе, германските воздухопловни сили, бил во неговата хотелска соба. Тој бил на официјално патување за да се сретне со колегите од одбранбената индустрија на најголемиот аеромитинг во Азија. Имал долг ден – но сè уште не можел да легне.

Бригадниот генерал Франк Графе морал да се слушне со својот шеф – командантот на германските воздухопловни сили. Во разговорот, тој звучел опуштено додека зборувал со двајца колеги за прекрасниот поглед од неговата соба и фактот дека штотуку се вратил од пијачка во блискиот хотел со неверојатен базен, пишува Би-Би-Си.

„Не звучи лошо“, коментирал еден од нив.

Генерал-полковникот Инго Герхарц потоа го започнал официјалниот дел од разговорот. Во текот на следните 40 минути, тие разговарале за многу чувствителни воени прашања, вклучително и дебата за тоа дали Германија треба да испрати крстосувачки ракети „Таурус“ во Украина.

Она што никој од учесниците во повикот не го знаел е дека се прислушувани и нивниот разговор се снимал. Две недели по повикот, снимката беше објавена на рускиот државен канал РТ.

Германија потврди дека повикот се случил и дека бил пресретнат, според нив, од руски шпиони. „Протекувањето на податоците“ е предизвикано, според германската влада, од нивен човек во Сингапур. Иако не е официјално именуван, се подразбира дека Френк Графе случајно дозволил шпиони да го пресретнат повикот.

Наскоро, нивната строго доверлива дискусија се проширила низ руските државни медиуми и одекна низ целиот свет. Сега е добро позната содржината на повикот.

Четворицата учесници разговарале кои цели би можеле да ги погодат ракетите „Таурус“ од германско производство доколку канцеларот Олаф Шолц некогаш дозволи да бидат испратени во Киев – спорно прашање во Германија.

Биле спомнати и испораките на француско и британско оружје, вклучително и многу чувствителната сугестија дека „неколку“ членови на британската војска наводно се на терен во Украина. Но, како успеале шпионите да го прислушкуваат овој разговор? Засега сè укажува на човечка грешка.

Според германските власти, „протекувањето податоци“ било ограничено на само еден учесник кој се вклучил во разговорот или преку неговиот мобилен телефон или преку интернетот на хотелот. Точниот начин на поврзување „се уште се разјаснува“, соопшти Германија.

„Мислам дека тоа е добра лекција за сите: никогаш не користете хотелски интернет ако сакате да остварите безбеден повик“, изјави за Би-Би-Си Мигел Бергер, германски амбасадор во Обединетото Кралство.

Повикот се одржал на популарната платформа ВебЕкс, но германските власти инсистираат на тоа дека официјалните лица користеле особено безбедна, сертифицирана верзија.

Професорот Алан Вудворд од Центарот за сајбер-безбедност во Сари вели дека ВебЕкс обезбедува шифрирање од крај до крај „ако ја користите самата апликација“.

Но, користењето на фиксен или хотелски интернет може да значи дека безбедноста повеќе не е загарантирана – а руските шпиони биле подготвени да се нафрлат.

Професорот Вудворд вели дека шпионите „веројатно седеле на маргините на аеромитингот во Сингапур“. Ако сте шпион, „кога имате вакви собири, секогаш вреди да седите на паркинг или да добиете хотелска соба“, вели Вудворд.

Теоретски, Русите би можеле да користат антени во комбинација со компјутерски програми способни за снимање на локалниот мрежен сообраќај.

„Во суштина, тоа е како да одите од врата до врата и да барате која е отклучена. На крајот ќе најдете една“, вели Вудворд.

Експертот за криптографија од Берлин, Хенинг Зајдлер, верува дека најверојатната теорија е дека оперативецот го упатил повикот на својот мобилен телефон, а повикот бил прифатен од шпионска антена која исто така може да го пренасочи сообраќајот до главната, официјална антена.

„Цело време тие само слушаат разговори и запишуваат сè што се пренесува. Тоа е како риболов. Само фрлате јадица во езерцето и потоа гледате каква риба ќе излезе. Ова беше нивниот најсочен улов“, вели тој.

Владата во Берлин се потруди да ја побие теоријата што се појави по објавувањето на снимката дека руски шпион едноставно ја повикал и останал на линија без никој да забележи. Тие инсистираат на тоа дека се е до грешката на еден човек. Шпионите имале среќа, но Германија не, тврдат тие.

Протекувањето на овој разговор дополнително ги разоткри германските поделби околу тоа дали да се испратат ракети „Таурус“ во Украина и поттикна поширока дебата за одбранбените и безбедносните слабости на земјата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот